Никаде, а особено на Балканот, не можеме да ја вратиме историјата од почеток и не можеме да ги помириме преку ноќ правдите и неправдите, да ги преброиме жртвите, џелатите, победниците и поразените, но, можеме и мораме да не создаваме нови. Можеме, како граѓани на 21. век, да седнеме и цивилизирано да разговараме за да се договориме и да се разбереме. Токму тоа го покажуваат договорот со Бугарија и договорот со Грција, дека и покрај предрасудите и стереотипите за Балканот како простор кој постојано создава немири и нестабилност, ние, народите на Балканот или во југоисточниот дел на Европа, покажуваме дека умееме да ги напуштиме закоравените позиции кои нѐ држат заробени во минатото и постојано ни ги крадат сегашноста и иднината.
Стереотипите, за жал, се жилави и се обновуваат, нѐ тераат одново и одново да гледаме низ призмата на погубните бинарни опозиции: Ние наспроти другите; власт наспроти опозиција; вистинските Македонци наспроти предавниците; добрите ние, наспроти лошите тие; „древните“ наспроти „младите“ нации, „славните“ наспроти „помалку славните истории“ и сл. Овие смртоносни спротиставености имаат потенцијал да се хранат од самите себе искривувајќи ја сегашноста и оневозможувајќи ја иднината на новите генерации. Дотолку повеќе, станува посилна нашата убеденост во суштинската моќ на дијалогот.
Како станува видлива моќта на дијалогот? Децении наназад сме свесни што мислат повеќето грчки граѓани за нашата Македонија, а во последно време гледавме и такви, коишто на тамошните протести, во име на одбрана на сопствениот идентитет или на идентитетот на нивните сограѓани од северниот дел на Грција, искажуваат подготвеност да го бранат сопственото сфаќање за Македонија и по цена на својот живот затоа што, според нив, сè што е македонско (името, народот, историјата и територијата) е само грчко. Корените на ова се протегаат со децении наназад, а последиците ги трпиме уште од распаѓањето на СФРЈ и прогласувањето на независна Република Македонија. Уште оттогаш, признавањето на македонскиот народ и македонскиот јазик го доживуваат како закана за нивниот културен идентитет, поради што денеска, на нивните протести постојано слушавме дека „Македонија е една и само грчка“. Истовремено, во нашата земја, сведочевме на слични пароли, како во извртено огледало: „Македонија е една и само наша, на нас Македонците“. И повторно, луѓето се подготвени да го дадат својот живот и својата иднина во име на тоа. Каде е тука проблемот? Што е Македонија и чија е? Само на Грците затоа што дел од нивната територија се нарекува Македонија или само на етничките Македонци во Република Македонија и во светот?
Овој Договор, токму како резултат на дијалогот, на граѓаните на Грција, за прв пат најотворено им кажува дека Македонија не е само провинцијата во Грција, туку дека Македонија е поширока територија, чиј северен дел ѝ припаѓа на друга држава. И уште поважно, дека во неа живее народ кој има право да се нарекува Македонци и светот да го препознава како македонски народ кој зборува на македонски јазик. За прв пат во историјата, со овој договор, Грција го препознава и признава не само постоењето на народ кој има право да се самоопределува како македонски, туку и го препознава и признава постоењето на македонскиот јазик. Иако, не само ние, туку и многу други земји во светот го прифатиле и легитимирале постоењето на македонскиот народ и јазик, сепак, сведочиме дека истите тие, во реалноста, кога се во прашање сложените меѓународни односи и интереси, се однесуваат како Грција да била во право. За сите оние кои разбираат, но и оние кои не сакаат да разберат, малите земји како нашата можат да опстојуваат и просперираат само доколку влезат во сојузи кои обезбедуваат мир, стабилност и економски развој, со други зборови опстанок на државата. За нашата земја, такви се НАТO и Европската Унија.
Овој Договор, во крајна линија, му го враќа дигнитетот и значењето на поимот дијалог кој што многу пати во минатото беше сведен на празна политичка флоскула. Наспроти тоа, веруваме дека дијалогот е врвен чин на комуникација; дијалогот е способност да те чујам што зборуваш, да излезам од своето изолирано его и во постојана размена со тебе да создавам светови. Автентичниот дијалог бара вистинска грижа и одговорност за другиот, бара да не те повредувам и маргинализирам во комуникацијата. Дијалогот претпоставува дека распрснатите парчиња од одговорот на проблемите се наоѓаат кај субјектите во комуникацијата и дека поставени заедно доведуваат до разумни решенија.
Сите големи дипломатски иницијативи биле и се резултат на таков процес, но и пример за тоа како еден тежок и комплициран (симболички) конфликт за името Македонија може да се реши со компромис, преку дијалог. Сè додека мислевме дека разрешувањето на конфликтот зависи само од другата страна и дека наша задача е да истраеме во докажувањето на нашата вистина, конфликтот не беше разрешен, туку напротив, продлабочуван. Зошто? Затоа што и другата страна го мислеше истото: дека ние сме причинителот на конфликтот и дека тие треба да истраат на својата вистина. Всушност, губитниците бевме ние. Но, како што напиша големиот Петре Андреевски во романот Небеска Тимјановна, вистини има колку што има и луѓе, и живи и мртви.
Оттука, од егзистенцијален интерес на нашата земја, било да се нарекува Република Македонија или Република Северна Македонија е да продолжи да го поттикнува, да го негува и да го предводи автентичниот дијалог како со сите свои соседи така и внатре со самата себеси, во својата сопствена богата различност. Напуштањето на бесмислениот натпревар на „конкуренција на жртви“ кој континуирано ги оптоварува и меѓудржавните и внатредржавните односи, нека биде македонскиот придонес во трајно стабилизирање на земјата и на регионот.
Референдумот е големиот влог, големата завршница на нашиот историски дијалог со самите себе и со соседите, врвниот чин на историска одговорност на секој од нас. Ако погледнеме назад во историјата и ако разбереме дека храбрите луѓе и политичари ја направија современа Европа, заснована врз разговор и разбирање, тогаш нема да имаме никаква дилема кога ќе го заокружиме конечното ДА. Со нашиот глас, ќе им дадеме шанса и на двете сфаќања на поимот Македонија и македонско да живеат заедно и во исто време да се признаваат како вистини.
П.С. Долго време нѐ учеа дека светот е црно-бел и дека е поделен на (прави) патриоти и (лажни) космополити. Во овие моменти на ум ми доаѓа разборитиот лик на академик Михаило Петрушевски, човекот кој на преубав македонски јазик ги препеа Хомеровите епови „Илијада“ и „Одисеја“ и кој во себе ги обединуваше и космополитизмот и патриотизмот – поими кои влегуваат во сферата на чувственото и стојат надвор од националистичките идеологии. Тој ни покажа дека овие два поима не мора да живеат во контрадикција. Сите ние кои ќе кажеме ДА на референдумот нема да бидеме помали патриоти.