Македонците ја следат својата несреќа како што коњите на детските вртелешки се следат еден со друг во вечната трка во круг. Спасот е во тоа да истапиме. Да се симнеме од вртелешката. Класичната форма ни е истоштена од количеството македонизам. Глупав македонизам. Банален. И збесната е. Формата нè гуши како пластична кеса преку главата. Глупоста не можеме да ја исплевиме само со напори на разумот затоа што и разумот почнува да ни произведува глупости. Потребна ни се страст, љубопитност, уметност, култура, спорт. И разумен разум, се разбира.
Зошто не мал број Македонци сакаат да си ја отсечат главата со моторната пила на референдумот?! Затоа што во ВМРО им рекле дека во вратот ќе најдат злато!
Добро, нека се обезглавуваат, нека трагаат, можеби во гркланите навистина носат по некоја грутка, што да правиме по толку обиди да ги премислиме, но проблемот е во тоа што можат да нè обезглават сите.
Дали се тоа будали?! Не сосема, има тука и некое чудно ниво на лудост, во секој случај на неразумност, на хистерија и психоза, опасни работи.
Најважна е интерпретацијата
Не знам како се вика таа болест кога на премиерот сакаш да му се одмаздиш така што ќе му ја уништиш државата. Да ги ликвидираш општите перспективи затоа што некоја будала од МВР ги пратила децата на летување во службен џип. Затоа што некој од фамилијата на Цветанка Ласкова добил пари од фондот за иновации. Затоа што новата власт не ја вработила ќерка ви која се утепала од марширање во Шарената револуција. И така натаму. Како се вика тоа кога дел од патниците се симнуваат во машинското одделение да го минираат бродот затоа што оркестарот лошо ја свирел „Со маки сум се родил јас, со маки јас ќе си умрам“?
Брееееееј, тешка песна, еј!
Не велам дека изворите на незадоволството се нереални. Не, но тие работи се решаваат на избори или во нови шарени револуции, не на референдум. Што тука не е јасно?
За општата перцепција на Договорот со Грција не е толку важно дали луѓето го имаат прочитано. Поважен е фактот дека сите сегменти на општеството што се задолжени за посредување на значењата, се тешко деформирани. Мислам на медиумите, на партиите и на интелектуалците. Тој дефект може да биде смртоносен за општеството, за државата и за нацијата.
Не е читањето, туку интерпретацијата е важна. А од интерпретацијата уште поважна е лагата преку која вистината за документот се адаптира на партиската идеја или на интелектуалниот и медиумски опортунитет. Не е проблемот во тоа што ВМРО-ДПМНЕ или некои професори, се против Договорот, тоа е глупав, но легитимен став, туку во тоа што предизвикуваат општа психоза преку тврдењата дека Македонците се бришат, дека македонскиот јазик се брише, дека дури и православните гробишта се бришат и слични измишљотини кои се, според моето длабоко уверување, на работ на кривичната одговорност, ако не се и длабоко внатре. Клучното прашање е: зошто Договорот не се напаѓа со содржините што се поместени таму, туку со содржини што таму ги нема, односно со лаги и измишљотини.
Зошто?
Затоа што Договорот е убава скала преку која македонските коњчиња можат да се симнат од вртелешката на сопствената несреќа. А ние имаме субјекти, структури, цели пластови, кои се животно заинтересирани Македонците да продолжат да се вртат како коњи на вртелешка.
На злосторничката инсталација на ВМРО-ДПМНЕ ѝ е јасно дека Договорот е неверојатна, просто неверојатна промакедонска работа, главна добивка на историската лотарија, бинго и затоа ја води битката против фалсификатот на овој документ што самата го има изработено. Со помош на агресивниот хаос што го предизвикуваат неспоивите точки во нивните погледи: бараат амнестија за најтешките злосторници, пљачкаши и криминалци и бараат повисоки резултати во борбата против корупцијата, да не би, демек, ГРЕКО да не критикува, бараат пари од државата за да ја напаѓаат и растураат, го сакаат до бескрај, до небото, уставното име, да им го ебам името и, кобајаги, сакаат да влеземе во Европа, ја сакаат всушност невозможноста како таква, трајноста на нерешението, го сакаат принципот на компромитацијата кој се претвора во принцип на мачнината. Со мала помош на интелектуалците, но на кои интелектуалци.
Незнаењето на интелектуалците
Јас ќе ви го пренесам Гомбрович, а вие ставете ги неговите наоди на ента степен и ќе ја добиете нашата ситуација:
Знаењето и вистината одамна престанаа да бидат главна грижа на интелектуалецот, ја замени грижата да не се дознае дека тој не знае. Распнуван со содржините што не ги усвоил, интелектуалецот шара колку може само да не допушти да биде фатен. Кои се средствата на неговата претпазливост?
Итро да ја формулира работата, да не го фатат за збор. Да не го истура носот надвор од она со што колку-толку овладеал. Предвидливо да ги употребува поимите, кобајаги тие на сите веќе одамна да им се познати, а во суштина да не би го покажал своето незнаење. Да дава до знаење дека знае.
Створена е специјална вештина на вешто расфрлање со неовладеани мисли, со израз на лицето како да е сè во најдобар ред. Толку нè угњавија тие крајни и најдлабоки вистини што треба да ги потхрануваме со сопствената крв што на крајот не знаејќи како да го помириме нашето зевање со важноста на нашиот потфат, почнавме да водиме сметка единствено за зачувување на привидот.
Антиреферендумската битка е битка за зачувување на привидот. На привидот на Македонија и на Македонците, на нивното постоење, на нивниот идентитет, на сè.
Бжозовски би рекол дека главниот грев на интелигенцијата е замената на мислата со општественост, со теми за разговори, за дебати, со други зборови со општественост испразнета од мисла. Интелигенцијата како мандолина. А заедницата е филхармониски оркестар кој секој божји ден ја свири симфонијата на народниот гениј
– „Чкрипи, крши, чаше ломи, руке му крваве, јооооој…“
Не можеме да го дадеме и името и г’зот, велат од бојкотирам!
Добро, прашувам јас, зошто токму г’зот решивте да го дадете?
За ќеф, кратко и јасно, ми велат бојкотџиите.
Објавено во „Слободен печат“