Трошењето на државните пари, додава тој, е регулирано со други закони за чие спроведување не е надлежна Државната изборна комисија.
– Институциите треба да се консултираат со Државниот завод за ревизија, Министерството за финансии, Државната комисија за спречување на корупција кои се надлежни да им кажат дали може да трошат буџетски пари за пропаганда за референдумот – вели Дерковски.
ДИК денеска усвои измени на Правилникот за подготовка, организирање и спроведување референдум на државно ниво согласно кои се предвидува само за овластениот предлагач, во случајов Собранието, да има одредено посебен простор за водење на пропаганда кој ќе го обезбедат телевизиите, печатените и електронски медиуми како што е предвидено со Изборниот законик.
Согласно измените на Правилникот, сите останати субјекти може да имаат свое медиумско претставување поврзано со референдумот, но по пазарни услови.
Предвидениот медиумски простор за пропаганда се однесува само на овластениот предлагач, Собранието, а неискористените термини може да се делат на други субјекти.
Ценовниците и условите за медиумско претставување кои медиумите ги доставуваат до ДИК се однесуваат само на просторот за пропаганда предвиден за овластениот предлагач Собранието.
„Овластениот предлагач и сите останати субјекти јавната пропаганда ја плаќаат од сопствени средства“, се вели во правилникот на ДИК.
Мими П. Шушлеска, „Слободен печат“