Референдумот за договор за промена на името со Грција и за влез на Македонија во НАТО и ЕУ, е вудве. Парламентот го изгласа и закажа. Но, референдумот на нож го пречека опозициската ВМРО-ДПМНЕ. По навреди и закани прифати преговори, но не за да се согласи дека нема да го бојкотира референдумот, туку за да го уцени СДСМ. А влогот јасен како ден. СДСМ, односно Владата да изврши измени во кривичниот законик. Или поконкретно, ВМРО да даде виза за референдумот, но за возврат да добие амнестија за поранешните водачи, кои за криминал, со едната нога веќе се во Шутка или Идризово.
Кога не го доби она што го бараше лидерот, професорот Мицкоски, како гром од ведро небо изјави: „ВМРО-ДПМНЕ својот став, дали ќе оди на референдум или ќе го бојкотира, ќе го соопшти до десети септември!“.
Значи уцена. Не им е гајле дека Македонија и понатаму може да остане затворена и осамена. Најважно за нив е да се добие амнестијата која е единствен адут претходниот премиер Груевски и врхушката околу него да бидат спасени од затвор. Да бидат спасени од арамилак. А краделе, краделе и се заборавиле народни пари. Од првиот до последниот крадел, бре и тоа без исав. Со двете раце земале кој колку можел. Нема за нешто што изградиле или почнале да го градат, а да не земале еден дел и за нив. И сега бараат амнестија!?
Со кое лице им велат на оние што ги наследија и кои „играат“ по нивна музика, да го уценуваат СДСМ за да бидат амнестирани. Да, да бидат амнестирани и наместо арамии, да бидат „херои“. Народов мислат ничто не гледа и не знае. Знае тој но диктатурата го притисна „па нагоре високо, а надолу длабоко“. Мораше да молчи или со целиот свој имот во грст да го собере и да замине во белиот свет.
Народов македонски, навистина не знаел колку била богата оваа наша Македонија!? Па каде да чепнеш бре, велат, сегде криминал. Сегде украдени пари. По име и презиме се знаат сите тие арамии. И сега на тие да им се даде амнестија! Газди станаа со крадени пари и имот, а народот, кај нив аргатува за леб, без пензиско, здравствено, социјално.
Од СДСМ велат дека нема амнестија за криминалци. Па макар ВМРО и да не го поддржи референдумот и да го бојкотира, амнестии нема да има. Така велат од Владата и од СДСМ. Категорични се: „Референдумот ќе се одржи. Македонскиот народ ќе излезе и ќе гласа за договорот со Грција и за влез на Македонија во НАТО и ЕУ. Ќе гласа зашто сака слободни граници, подобар живот, нови фабрики, нови работни места. И без ВМРО Македонија ќе оди кон Европа. Зашто единствениот пат и е тој!“.
Дали некои сака или не. Референдум ќе има. Последниот збор и без СДСМ и без ВМРО, ќе го каже народот.