Како се сака татковината?!

Така се сака, драги мои. Македонија. Не со патриотски сонца, нацртани на евтини картони, антички штитови и копја, трапави маршеви на шугави фалангисти, и убојно силно удирање во градите, за потоа херојски да се бројат модрините.

889

Нека ми прости упокоениот, драг Владимир Ралев, што го беспокојам. Знам дека таканаречениот „вечен сон“ му го парчат овие македонски олуи. Но, морам да потсетам на таа патриотска икона, која го крстареше светот, а во себе ја таеше непрегорната љубов за неговата Македонија. Телото му остана во Швајцарија, а душата ја погреба овде, зашто, уште на живот, ѝ ја имаше заветено на Татковината.

Иселеничките бранувања и сѐ позачестените искричења во комуникацијата на релација татковина – дијаспора, се предизвикот да се потсетам уште еднаш на гевгеличанецот Владимир Ралев, за на многу зовриени глави да им се раздуваат маглите и да им стане појасно – како се сака Македонија.

Белград, Индија, Пакистан, Судан, Швајцарија, сѐ до доцните години на животот беа неговите релации. Но, љубовта ѝ ја дари на Македонија. Беше археолог по образование, успешен бизнисмен, но хуманист во душата. Добродетел, доброчинител.
За време на една куса посета на родната Гевгелија, Владимир или Владо, како што најчесто го ословуваа, слушнал дека некој граѓанин бил во сериозна здравствена состојба, а немало возило на располагање за да биде префрлен во Клиничкиот центар во Скопје, го извадил пенкалото од џебот и напишал чек што му го врачил на директорот на гевгелиската болница, со желба, по итна постапка да се купи модерно специјализирано возило за здравствени намени, што ќе им биде на услуга на неговите сограѓани.

По осамостојувањето на Македонија, сочувствувајќи со нејзините почетнички чекори на независност и бројните економски искушенија, на македонското здравство му подари 40.000 комплет болнички постелнини. На првиот претседател Киро Глигоров му врачи 100.000 долари, на министерот за култура 30.000 долари, како што самиот велеше, „мој мал придонес, за залечување на финансиските рани во државата“.

Безмалку толку даруваше за санација на црквата „Света Софија“ во Охрид и уште толку за амфитеатарот во градот на Самоила. Формира фонд со личен финансиски влог за поддршка на издавачката и информативна дејност на Македонците од пиринскиот и егејскиот дел на Македонија, и за нашинците во Албанија.

Го напишав тоа што го знаев. Владо Ралев, никогаш не зборуваше за своите донаторствa, а уште помалку за износите. Колку дал или кому дал.

Тоа беше Владо Ралев, чија таткова фабрика за свила и друг имот, по ослободувањето биле конфискувани. Национализирани. А сепак, тоа ни од далеку не можело да биде причина, за тој, родољубецот, да ја намали неговата синовска љубов. Да ги помати патриотските и хумани чувства за родната грутка. Да го згасне печалот по Македонија, чиј почесен конзул во Швајцарија беше сѐ до неговото заминување од овој свет, во кој остана втиснато неговото благородно дело.

Така се сака, драги мои. Македонија. Не со патриотски сонца, нацртани на евтини картони, антички штитови и копја, трапави маршеви на шугави фалангисти, и убојно силно удирање во градите, за потоа херојски да се бројат модрините. Не со веење десетметарски знамиња со шеснаесеткраки сонца и лавови, од чие платно може да се покријат срамните делови на телото на многумина од македонската сиромаштија. Не со виење ора, трештење на зурли и тапани и екот на патриотски песни покрај раскошно богати трпези со кременадли од половина ока, разносортни виски, торти, пити, кајмаци и кремови.

И кога е само еден денар, една фунта, едно евро или еден долар, е дар. И само зборот, искрен, мислата благородна, и пожелбата за процут на Татковината. Секој влог неизмерно тежи и вреди, кога е искрен. даруван за родот, за својот, за ближниот, за болниот, за немоѓниот, за сиромашниот. За Татковината.

Сити сме од блефови. Од изливи на евтини патриотизми, еуфории, роднокрајски карневалски изживувања, од килави војводи, празноглави мислители, лидерски мешетари и лавини од лажни македонштини. Македонија се сака со душа, со срце. Синовски. Ако сакате – Ралевски!

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...