И суперанализата во референтна лабораторија во Европската унија потврдија присуство на ГМО во соините тошки и шницли увезени од „Виталиа“, а кои се по потекло од компанијата „Сојапротеин” од Бечеј, Србија, соопшти Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ).
Суперанализите на соините трошки и соините шницли ги побара компанијата „Виталиа“ која е увозник на овие производи.
Агенцијата за храна соопшти дека мострите биле земени во рамки на Мониторинг програмата за безбедност на храната.
„Во Република Македонија, производите соини шницли увезени се од операторот со храна „Виталиа”, а дистрибуирани во прометот преку операторот со храна КАМ ДОО Скопје. Увозот на соините трошки, извршен е од страна на операторот со храна „Сопродекс”, а во прометот, исто така, биле дистрибуирани преку операторот со храна КАМ ДОО Скопје“, појасни во соопштението АХВ.
Оттаму информираат дека соините шницли и соините трошки во количина од 510 килограми, дел затекнати во магацин, дел повлечени од продажба, се наоѓаат под официјален надзор и деновиве ќе бидат нештетно уништени, што ќе биде сторено и со позитивната мостра ориз во количина од 550 килограми, по потекло од Кочанско, произведена од увозен семенски материјал.
Од АХВ потсетуваат дека согласно Законот за безбедност на храна, е забранет увоз, производство и промет во Република Македонија на храна и производи од храна која содржи ГМО, или е составена од ГМО.
За увозниците и за операторот со храна кој извршил промет на ваквите производи во Република Македонија, согласно овој закон ќе им бидат изречени парични казни во висина до 5 илјади евра во денарска противвредност, а казна ќе добијат и одговорните лица во овие компании.