Денеска е последниот ден кога сите фирми што се заинтересирани за одржување на фонтаните во центарот на градот можат да поднесат понуда на тендерот кој го распиша Град Скопје. Токму поради тоа што постоечкиот договор за одржување е истечен, според тврдењето на градските власти, годинава не проработе ниту површинската фонтана. Пред летната сезона беа пуштени да работат фонтаните на Александар Македонски и четирите на плоштадот Филип Втори.
Од Градот објаснуваат дека во изминатиов период фонтаните во централното градско подрачје биле предмет на промена на надлежноста, поточно се одредило која институција треба да биде задолжена за нивното одржување.
– На седницата на Советот на Град Скопје, која се одржа на 17 јули, донесена е Одлуката за отстапување на чувањето, одржувањето, заштитата и користењето на фонтаните, со која се предвидува тоа да го преземе јавното претпријатие „Водовод и канализација“. Со оваа одлука Град Скопје се обврзува да ги подмирува сметките за потрошената електрична енергија на фонтаните, но нема да одвојува дополнителни средства за нивно одржување – велат од Градот.
Тендерот кој денеска завршува, според надлежните, е распишан за да му се помогне на јавното претпријатие „Водовод и канализација“ во овој транзиционен период да се адаптира на одржувањето на фонтаните, со што во иднина би можеле да ги одржуваат и во сезоната и при конзервирањето, како и надвор од експлоатациониот период.
Сепак, доколку одржувањето е единствениот проблем поради кој ова лето нема да прска површинската фонтана, тогаш нејасно е зошто се пуштени во употреба останатите, за кои исто така се бара фирма што ќе ги одржува. Прашање е дали е таа во исправна состојба, особено ако се потсетиме дека во јуни минатата година, камион во обид да постави бина за прослава на плоштадот пропадна во фонтаната.
Притоа, фонтаната претрпе сериозно оштетување нецели две години од нејзиното пуштање во употреба. Уништена беше дел од надземната и подземната инсталација, некои од прскалките заедно со поставените ЛЕД- светилки, за кои беа потрошени над 2,5 милиони евра. Една третина од овие средства беа обезбедени од Буџетот на Град Скопје, додека останатите финансии беа дадени од извршната власт.
Анета Стојковска
преземено од „Слободен печат“