Во последниов период Скопје се соочува со наезда на комарци, ги има во сѐ поголем број. Скопјани коментираат дека никој не презема никаква одговорност, ниту мерки за решавање на овој проблем. Не стивнуваат ниту реакциите на социјалните мрежи каде се објавуваат информации за тоа каде има најмногу комарци, се објавуваат шеги и досетки, нои остро се критикува локалната власт.
Меѓу граѓаните кои се жалат на Фејсбук е и кошаркарот Перо Антиќ, кој напиша дека вакво нешто не видел цел свој живот. Тој праша дали на градоначаникот Шилегов треба да му се достават сметките за препарати за комарци со цел да добијат паричен надоместок.
Но, ова не е новост, Скопје одамна се „дави“ во комарци бидејќи Град Скопје чекаше дополнително да го проверат средството со кое ќе се прска, со што целата постапка доцнеше. Изминатите години во август се прскало по трет пат додека викендов ќе биде извршено прскање по втор пат. Докторите од Институтот за јавно здравје велат дека авионски требало да се прска во март кога комарците се ларви, а не во јули, што беше случај оваа година.
Од Град Скопје велат дека граѓаните се во заблуда. Потпаролот на град Скопје Валон Салиху, вели дека граѓаните се недоволно информирани и дека до денеска се спроведени две фази од вкупно 5, односно 18 денови се прскало.
– Процедурите и користеното средство се тие истите како и до сега. Новитет оваа година се авионите кои не бучат како тие претходните, и претпоставувам дека тука е и збунката зошто луѓето мислат дека не се прска – вели Салиху.
Кристина Денесовска, „Слободен печат“