Се очекува на јубилејното издание на „Оскарите“, да почне во 20 часот по локално време.
Во театарот „Долби“ во Лос Анџелес, доцна вечерва по локално време ќе се случи 90. издание на манифестацијата „Оскари“, што ја организира Академијата на филмски уметности и науки.
Фаворит по бројот на номинации е филмот „Обликот на водата“ (The Shape of Water) од мексиканскиот режисер Гилјермо дел Торо.
Покрај овој филм со 13 номинации, меѓу фаворитите се и остварувањата „Денкерк“ (Dunkirk) од режисерот Кристофер Нолан со осум номинации, а со еден помалку следува филмот „Три билборди пред Ебинг, Мисури“ (Three Billboards Outside Ebbing, Missouri) на Мартин Мекдона.
Сите три филма се номинирани во категоријата за најдобар филм, заедно со „Викај ме со твоето име“ (Call Me by Your Name), „Најтемниот час“ (Darkest Hour), „Бегај!“ (Get Out!), „Дамата птица“ (Lady Bird), „Фантомска нишка“ (Phantom Thread) и „The Post“.
Филмот „Обликот на водата“, меѓу другото, доби и номинации за најдобра актерка, најдобра машка и женска споредна улога, режија, сценарио, оригинална музика и најдобра фотографија.
Во категоријата за најдобар актер, Гери Олдман се смета за фаворит во улогата на Винстон Черчил во филмот „Најтемниот час“.
Се очекува на јубилејното издание на „Оскарите“, кое ќе почне во 20 часот по локално време, да бидат споменати и скандалите што ја потресoа филмската индустрија откако 100 жени го обвинија продуцентот Харви Вајнстајн за сексуално вознемирување, злоставување и силување.
Овогодишното доделување ќе биде обележано со номинацијата на првата режисерка црнка, Ди Риз, за филмот „Mudbound“ во категоријата најдобар документарен филм.
Јан Форд е првиот трансродов режисер чиј филм „Strong Island“ исто така е номиниран во категоријата најдобар документарен филм, додека Џордан Пил, режисерот на „Бегај!“, e првиот црнец синеаст чие остварување е номинирано за најдобра режија, сценарио и продукција.
Втора година по ред, церемонијата ќе ја води актерот Џими Кимел, а свеченоста ќе ја пренесува американската телевизиска мрежа Еј-би-си.