Разликата од 6,4 проценти во корист на анкетираните граѓани во Македонија кои би дале поддршка на референдумското прашање „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО, со прифаќање на Договорот од Преспа“, се чини предизвикува доза на оптимизам во Атина и Скопје.
Ова е оценката на дел од грчките медиуми кои ја пренесуваат анкетата за референдумот во Македонија. Според резултатите од испитувањето на јавното мислење, кое за МЦМС го спроведе агенцијата М-проспект во периодот од 24 јули до 1 август, поддршка за референдумското прашање би дале дале 41,5 проценти, а против се изјасниле 35,1 проценти.
„Анкета – ПЈРМ: Водство на оние што би гласале „да“ на референдумот“; „Со 41,5% е во предност „да“ за прашањето за името на ПЈРМ, според анкета“; „Поделени граѓаните во ПЈРМ во пресрет на референдумот“; „Истражување – ПЈРМ: Водство од 6,5% за „да“ за Договорот од Преспа“; „Во Скопје, во водство е „да“, избори се можното сценарио“, се дел од насловите во вчерашните онлајн изданија на грчките медиуми.
– Веруваме дека мнозинството граѓани на референдумот ќе се изјаснат за Македонија како членка на ЕУ и НАТО и дека ќе порачаат до избраните пратеници дека тоа е иднината која им ја посакуваат на своите деца и на своите семејства – истакна заменик-претседателот на Владата и министер за одбрана Радмила Шекеринска во синоќешното интервју на Канал 5 телевизија.
Таа посочи дека неколку пати кажале дека ќе ја почитуваат волјата на мнозинството граѓани.
– Сакаме да ги консултираме граѓаните околу имплементација на Договорот со Грција, која подразбира уставни измени кои ќе ги прави Собранието на РМ. Сметавме дека каков и да биде референдумот клучната порака, клучната политичка одлука која ја донесовме и во соработка со најголемиот дел од парламентарните политички партии е дека ќе го слушнеме гласот, мислењето на мнозинството граѓани и дека истото ќе го почитуваме – рече Шекеринска.
Сите главни политички партии, потенцира таа, се изјаснија во поддршка на одржувањето на референдум и додаде дека најголемата опозициска партија десет години зборува за потребата од референдум.