Мицкоски: Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе се врати во Собранието комплетна

2212

Преговорите за името со Грција, Законот за јазиците и враќањето на опозицијата во Собранието, биле главните теми за кои вечерва во Владата повеќе од два часа разговараа премиерот Зоран Заев и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

По средбата што се одржа на покана на Заев, Мицкоски во изјава за медумите потврди дека разговарале за повеќе политички теми, меѓу кои и за името, за Законот за јазиците, за составот на ДИК, како и за враќањето на ВМРО-ДПМНЕ во работата на Парламентот.

Во однос на името, Мицкоски рече дека остануваат на познатите позиции, како и за Законот за употреба на јазиците.

Во однос на враќањето на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието, истакна дека не се создадени услови за тоа. Очекува да се вклучат во работата на законодавниот дом само како комплетна пратеничка група, и како што наведе тоа би можело да се случи за една до две недели

-Во моментов ВМРО-ДПМНЕ останува на позицијата дека од математичка и политичка природа не можеме да бидеме комплетно активни во Собранието. Имам чувство дека овие проблеми ќе бидат надминати и ВМРО-ДПМНЕ ќе се врати во Собранието – рече Мицкоски.

На новинарско прашање дали тоа значи дека ќе се вратат и притворените пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски рече дека во многу наврати рекол дека ќе се обиде да биде математички презицен и дека чувствата ги темели на факти.

-Се разбира дека под комплетирање се подразбира 100 процентна пратеничка група- рече Мицкоски.

На средбата со Заев , како што изјави, потенцирал дека во државата има ситуација на политички терор и дека опозицијата не се чувствува комотно.

-Опозицијата треба да се чувствува комотно, а сето тоа е во рацете на власта како што рече и меѓународната заедница – рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

На средбата се разговарало и за Државната изборна комисија

– Со премиерот Заев се согласивме дека треба Државната изборна комисија да се комплетира. Тоа ќе се прави по стариот модел, односно претседателот на ДИК ќе биде од опозицијата, додека мнозинството од членовите ќе биде на власта – рече Мицкоски.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...