Но, сега, колку и она на Сафон да изгледа на прв поглед сосема јасно, веќе на втора мисла не сте сигурни дали е сѐ баш така. Ајде за првите – можеби е и јасно, па човек – еве јас, на пример – може и самоиницијативно да се (про)најде во тоа друштво. И тоа често пати сум го мислел: кому, по ѓаволите, му требаат вакви писанија? И за што? Ама, сепак, оваа категорија будали кои зборуваат, барем кај нас, мора да има барем две поткатегории: едните се навистина будали, вторите се исто така „будали“, ама со задолжителни наводници. Зашто, сепак, не можете, онака лефтерно, да ги изедначувате баш сите оние кои зборуваат со оние кои – „зборуваат“!? Нели? Има некоја разлика, барем во значењето на зборувањето!? Или – нема? Сафон не прави таква разлика, ама мислам дека тука греши. Односно, можеби, во некаква поширока, суштинска смисла на реченицата, првото тврдење навистина изгледа точно бидејќи какво значење има, впрочем, нечиј говор, или нечие мислење, во некакви пошироки рамки, да не речам државни, етнички, национални? Ако веќе таму има играчи кои мислат дека сѐ најдобро знаат и умеат и не им е потребен ничиј совет? Па ни мислење.
Можеби е така. Ама јас сепак сакам да направам разлика. На пример, еве, меѓу мене (да не земам други зборлести како мене луѓе за пример, а ги имаме неколкумина) и – Јанко Бачев? Или кој и да е од онаа збирштина политикантски мизерии кои пред некој ден потпишуваа некаква тоалетна хартија за бојкот на претстојниот референдум. Оној Филип Петровски? Зарем некој сѐ уште го зема за озбилно? Но, јас – да, јас сите тие ги земам за сериозно, иако тие – сигурен сум – себеси не се гледаат така зашто знаат дека го истрошиле сиот кредит што (ако воопшто) го имале во јавноста. Го истрошиле многукратно, а сега само ставаат печат на минатиот „труд“! Зарем навистина мислите дека тие мислат дека некој им верува? Дека некој сериозно верува во нивната грижа за државата, за народот – задолжително само македонскиот, зашто овде други етникуми не виреат! – за доброто на нашата иднина? Никако, и тие знаат дека тоа е така, дека и оној мал процент верба, ако воопшто и ја имало кај некого, одамна е потрошен.
Gone with the wind! Ако денес ги погледнете „аргументите“ на овие мизерии, ќе видите дека тие се дури и неписмени, дека или не знаат да читаат, или читаат погрешно, што пак се сведува на исто. Или: намерно читаат погрешно? Намерно или случајно – не знам, ама дека се неписмени, тоа дефинитивно се потврдува. И играат на тенките жички на националниот романтизам, на глупоста и неинформираноста на мал дел од народот, на наивноста, ако сакате, онаа иста наивност која што ја доведе и онаа бивша криминална банда на власт и ја држеше цели дванаесет години. Слушнавте некој од овие тогаш да се побуни?
Е тука доаѓаме до молчаливците, односно оние кои Сафон ги нарекува кукавици бидејќи нон-стоп молчат. (Андриќ, пак, со неговата сентенца, велат, имал намера да покрие и некои свои замолчувања!). Такви, молчаливци, не андриќи, за жал, имаме на тони, на милион(и). Докажано, проверено во изминатата деценија. Да не беше така, криминалцине ќе играа само едно лето. Овие кукавици се токму тие кои ги задржаа на власт толку време. (Е сега, Андриќ молчаливците ги претставува како паметни. По силата на нештата, ама сепак. Малку нејасно, или јас не разбирам?). И за тоа сме пишувале многу пати, иако секогаш само површно, некако само загребано по површината – како констатација а не како елабориран факт – но и тоа е наш специјалитет (Сафон нема констатација за тоа!). Категоријата на кукавиците, нагалено наречени молчаливци, секако не е само наш специјалитет. Ама ние некако, како да ги одгледуваме, како да се гордееме со нив, ги размножуваме како габи, или глувци, што е посоодветно, секако. Да виреат во темница, да излегуваат само за избори и да гласаат така како што веќе гласале толку години. Македонски (опробан) рецепт!
Третите, оние мудрите, ми се најинтересни. И за нив имаме најсоодветен пример во светот: таканаречената ману (малите букви се соодветен израз на моралната димензија на оваа институција!), зашто тие ни се најмудрите, нели. Барем службено, ако не повеќе, зашто имаат свој закон, своја зграда, свој буџет, свои привилегии, некакви свои правила …
Она што збунува кај Сафон е, на пример: кого слушаат овие мудреци? Јас имам одговор на тоа, ама не сум сигурен дека има и тој, односно не ја познавам во детали ситуацијата во Шпанија во негово време (роден е 1962). Кого, значи, слушаат мудреците ако оние кои говорат се – будали? А кукавиците – молчат? Кој тогаш говори во една држава, па и во Шпанија под фашистон Франко во тоа време? Говори власта, се разбира, како впрочем и овде. И „мудреците“ (веќе морам да употребам наводници) слушаат, нормално. За да знаат како да се однесуваат. И кога да одат на поклонение, кога на потпишување на книги, кога на одбрана на докторати и тн.
Она што, повторно, Сафон не го појаснува докрај е фактот дека слушателите, односно „мудреците“ се едновремено и молчаливци. Еве нашиве, на пример. Којзнае дали молчењето на нашиве „мудереци“ е дел од оние нивни правила на однесување? Можеби инаку не примаат во нивно друштво? А можеби затоа и се таму, прво да одмолчат, потоа да одмерат, па да помислат и – повторно да одмолчат. Зашто нашине во ману (малите букви се соодветен израз на моралната димензија на оваа институција!) премолчеа сѐ што можеше да се премолчи. Се разбира, прво „мудруваа“, па потоа премолчеа. Дури и повеќе од тоа. Премолчеа непремолчиви нешта: газење на човекови права, убиства, апсења, невиден криминал (со нивна сесрдна помош и учество!), кражба на избори, (само)заробување на државата … уште колку треба?! Но, беа платени за тоа (Сафон ништо не вели за таквата можна дребулија кај молчаливите кукавици).
Оттука, повторно, останува нејасно зошто во еден случај молчаливците се (само) кукавици, а во друг се – мудри кукавици? И од што тоа зависи? Или, да не се случило нешто што јас во моето непрекинато будалесто говорење сум го пропуштил? На пример, да не ману (малите букви се соодветен израз на моралната димензија на оваа институција!) кажала збор-два за нивнион библиотекар-академик и неговите лукративни догодовштини со бившата власт? Или да не објаснија зошто не го сакаа(т) Прибе меѓу нив? Или …
(преземено од Теодосиевски уметност)