Мицкоски до 10 септември ќе каже дали ВМРО-ДПМНЕ ќе го бојкотира референдумот

Правиме консултација со граѓани секојдневно, членството и партиските структури. Кампањата започнува околу 10 септември, а дотогаш ќе заврши оваа акција така што јавноста ќе биде известена за чекорите на ВМРО-ДПМНЕ, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

551
ФОТО: EPA/GEORGI LICOVSKI

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска изјави дека до 10 септември ќе соопшти дали ќе го повика на бојкот членството, дали ќе гласа против или ќе го поддржи референдумот за името на 30 септември.

– Не е точно дека ВМРО-ДПМНЕ нема став по ова прашање. Во минатото во многу наврати го има кажано и повторено својот став што се однесува на принципот за промена на Уставот а со цел промена на уставното име – рече Мицкоски во интервју за Канал 5 ТВ.

Тој посочи дека партијата летово има акција „Лето за Македонија“ и во нејзини рамки се консултира со многу граѓани на дневна основа, со членовите и раководството на партијата и општинските комитети.

– Впрочем кампањата за референдумот почнува на 10 септември. Дотогаш се надевам дека оваа акција ќе трае така што јавноста благовремено ќе биде информирана за сите чекори на ВМРО-ДПМНЕ – вели Мицкоски.

Коментирајќи ги информациите објавени во јавноста по последната лидерска средба, Мицкоски вели дека ВМРО-ДПМНЕ многу активно учествувала на лидерската средба со свои предлози околу евентуалниот референдум имајќи предвид дека мнозинството во Собранието го распишува референдумот. Ги повикале колегите од СДСМ и ДУИ, како што кажа, да се почитува законот за референдум и Уставот, како и препораките на Венецијанската комисија и оти прашањето не смее да биде збунувачко и да има повеќе значења.

– ВМРО-ДПМНЕ и тогаш даде свој предлог: Вашиот став за договорот кој што го потпиша МНР Димитров во името на РМ и МНР Коѕијас во името на Владата на Република Грција на 17 јуни во Псарадес (Нивици) – за или против – рече Мицкоски.

СДСМ реагира, прашувајќи дали ќе се охрабри ли Мицкоски да каже за што е неговата ВМРО-ДПМНЕ, за иднина или за изолација?

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...