Откако вчера Министерството за труд и социјална работа испрати инспектори во градинката „Детска радост“ во Гевгелија, по скандалот со видеото во кое воспитувачка навредува дете, надлежните соопштија дека се земени изјави од директорката и вработените.
Директорката добила задолженија, а ако се соберат докази, за овој случај ќе се одговара и кривично.
„Директорката е задолжена со следното: веднаш да се утврди правилно фактичката состојба и врз основа на тоа да се поведе постапка за утврдување на одговорност, односно ако најде докази дека со повредата на прописите е сторен прекршок, потешка повреда на работната дисциплина, неизвршување, несовесно и ненавремено извршување на работите и работните задачи или кривично дело, да поднесе барање за поведување на прекршочна постапка, иницијатива за покренување на дисциплинска постапка или пријава за сторено кривично дело, согласно член 261 став1 алинеја 2 од Законот за заштита на децата“, соопштија од Министерството.