Аман, Бачев, не ме брани!

2438

Националистите и фашистите можат да здивнат. Нивната победа е на повидок, бидејќи конечно го добија ликот што ќе ги води во овој решителен бој за правото да останат во калливиот заборав. Ете, Бачев ќе ги поведе во битка за одбрана на нешто од нешто. Ако, нека работи нешто детето, џабе работи, џабе не седи, велат старите. Во случајов, не е баш за џабе, бидејќи оваа дружина, сепак, (ќе) се нафатира. Кога една Солза им е најистурениот политички играч, односно играчица, вклучена во прибирањето средства по странство, а Ванковска им е најакадемскиот профил што можеле да си го обезбедат, загарантиран е срамниот неуспех на оваа братија што излезе дека, сепак, е прилично мала. Имаат одлични шанси и неуспехот да им биде практично невидлив. Греотички.

Бачевци го „позајмиле“ дизајнот на кампањата што во 90-те ја водеше „предавничкото“ граѓанско општество во Македонија: DON’T YOU FYROM ME (Не ме нарекувај ФИРОМ). Кога ќе ги погледнете летоците и штандовите на кампањата, веднаш помислувате на таа кампања. Референдумот, впрочем, претставува и одлука на граѓанките и граѓаните да го напуштиме името ФИРОМ, така што националистите си пукаат в нога на самиот почеток, со самиот дизајн на кампањата. Многу креативно, нема што. Но, овие интелектуални кутреци постојано го прават тоа, секако, толку неуспешно човек просто жал да го фати. Да не се онакви тешки националисти, фашисти и насилници, немаше да се колебам да им помогнам, без оглед на тоа што се на спротивната страна на вредностите за кои се залагам.

Само, сѐ уште не можам да одгатнам колку овие „ентузијасти“ заработуваат од своето дејствување. Тоа веројатно, еден убав сончев ден, ќе ни го каже Министерот за внатрешни работи, Спасовски, кој (очигледно) работи на превенција од шпионските и дестабилизирачките проекти на Кремљ во Македонија.

Како и да е, хронично конфузната дружина предводена од Бачев е прилично живописна. Некакви си опскурни ликови и на-две-на-три прикрпени организациички и партиички, со по еден или двајца членови, тргнаа во поход. Освен тотални анонимуси и доодени лумпен фашисти од кои сигурно се срамат и самите фашисти, има и неколку имиња што се (релативно) познати како екстремисти, насилници и сејачи на омраза.

За некои не е изненадување што на Бачев му се придружи и клубот на Јове Кекеновски што неодамна го „засили“ рускиот пион Филип Петровски. Иако мене лично ми изгледаше поинаку, сепак, не ми останаа многу аргументи против оние што цело време ми тврдеа дека „толку му е капацитетот на човекот“… Тоа е.

Да не е една од погрдите појави на Фејсбук „фалангата“, Љупчо Палевски би бил само здодевна шега. Тој се појавува како потписник и на Трета партија на Македонците и на здружението Трета Република чии имиња се подеднакво непознати за јавноста. Нивното заминување во заборав ќе биде уште побрзо од нивното појавување, освен ако нивниот единствен член не стори некое кривично дело.

Во клубот на лузерите се и иселеници што удобно живеат во земји членки на НАТО, ЕУ и други развиени западни демократии, а се потпишуваат на ваква (никаква) антизападна кампања. Но, тоа е само дел од лигавиот фолклор. Мекотели, тврдотели и други хулигански братии се тука многу очекувано.

Агендата на носителите на оваа очекувано лошо дизајнирана кампања е веќе одамна разобличена. Сепак, не треба да се потценува нивниот капацитет за бељи и деструктивни постапки. Тоа, на крајот, нема да има пресудно влијание, но ќе остави барем некаква дамка на процесот. Употребната вредност на „Бојкотирам“ е во бескрајното „историско“ пијано тегавење на исфлеканите чаршафи по сељачките меани во годините пред нас.

Едно е сигурно. „Бојкотирам“ внесува дополнителен раскол во редовите на опозицијата и дефинитивно ја „ситни“ и онака разнишаната опозиција. Во штетата што ѝ ја нанесуваат на опозицијата влегува и „историското“ прогласување за „предавници“ на истите политичари кои цела деценија прогласуваа „предавници“. Сето тоа со добри, руски намери.

Може многу добро да се замисли како Мицкоски во еден момент нервозно го зграпчува телефонот и се дере: „Аман Бачев, не ме брани!“. Од другата страна на линијата ќе се слушне пелтечење. Мицкоски тогаш ќе го тресне мобилниот од ѕидот во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ и ќе ги брише замаглените очила, додека солзи ќе му појдат на очи, од бес.

Тогаш, од руската амбасада ќе го земе телефонот некој зацрвенет баќушка што ќе рапортира „Здравствуйте, Кремль, у нас есть путаница!“ и како последен очајнички обид да ја спаси операцијата ќе понуди вотка за обединување на опозицијата под едно русский знаме. За тоа време, во некоја периферна канцеларија на руската тајна служба ќе се куца отказно решение на шефот на руската операција во Македонија и прекоманда за на фронт во источниот дел на Украина.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...