17 години од масакрот кај Карпалак, почнува одбележувањето

212

Со повеќе настани, Прилеп ги почнува чествувањата по повод 17-годишнината од загинувањето на 10-те прилепски бранители кои во заседа на патот Скопје-Тетово, кај месноста „Карпалак“ беа убиени на 8 август 2001 година. По тој повод, денеска прилепскиот градоначалник Илија Јованоски се сретна со семејствата на загинатите бранители.

Пред 17 години, изутрината од заседа се убиени прилепските бранители: Сашо Китаноски, Нане Наумоски, Бранко Секулоски, Марко Деспотоски, Ердован Шабаноски, Љубе Грујоски, Дарко Вељаноски, Веби Рушитоски, Горан Миноски и Пеце Секулоски.

Здружението „Карпалак“ и општина Прилеп и годинава се организатори на одбележувањето во чест на делото на загинатите прилепски бранители. Утревечер, на 7 август делегации на семејствата на загинатите, на преживеаните бранители на Општината, на општинскиот совет, на АРМ, ќе положат свежи цвеќиња пред спомениците во кругот на касарната „Мирче Ацев“. Делегациите потоа ќе се упатат кон селото Лениште каде пред спомен плочата на загинатите бранители ќе положат свежо цвеќе.

В среда, на 8 август, на годишнината, рано изутрината претставници од здружението „Карпалак“ и од општина Прилеп ќе положат свежи цвеќиња на месноста „Карпалак“, на патот Скопје-Тетово, на местото каде што беа убиени прилепските бранители.

Во раните утрински часови делегациии ќе им оддадат почит на загинатите херои на нивните вечни почивалишта на градските гробишта „Песјобрдце“ и на ромските гробишта. Делегации од Општина Прилеп ќе им оддадат почит и ќе положат свеќи цвеќиња и на гробовите на загинатите бранители од населените места: Новоселани, Бело Поле, Ропотово и Пашино Рувци.

Во спомен на загинатите бранители панихида ќе се одржи во црквата „Света Петка“ во населбата Точила.

На 8 август во 13 часот е централното чествување пред спомен плочата кај споменикот „Карпалак“ во центарот на Прилеп. Бројни владини, општински, како и делегации од институции, претставници на семејствата на бранителите, политички партии, здруженија и граѓани ќе положат свеќи цвеќиња и ќе им оддадат достојна почит на загинатите прилепчани.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...