Kриминалитетот во Крива Паланка годинава зголемен за 47,4 отсто

160

Во првите шест месеци од годинава криминалитетот на подрачјето на општините Крива Паланка и Ранковце е зголемен за 47,4 отсто, споредено со истиот период минатата година, информираат од Полициската станица од општа надлженост во Крива Паланка во врска со преземените мерки и активности.

Командирот на Полициската станица ОН Крива Паланка, Дејан Маринковски, истакна дека во текот на првото полугодие од годинава година се регистрирани 120 кривични дела, што во однос на истиот период минатата година кога биле регистрирани 63, е зголемување од 47,4 проценти.

– Од вкупниот број регистрирани кривични пријавени и регистрирани кривични дела, 98 се реализирани, што претставува вкупна реализација од 74,2 отсто, додека реализацијата во истиот период лани изнесувала 59 отсто. Во текот на извештајниот период, бројот на поднесени кривични пријави и регистрирани сторители исто така е зголемен, односно поднесени се вкупно 89 кривични пријави против 128 сторители – рече Маринковски на презентирањето на информацијата на 13-та седница на Советот на Крива Паланка.

Од областа на класичниот криминал се регистрирани 114 дела, кои бележат пораст од дури 90 отсто споредено со првото полугодие во 2017 година, кога биле регистрирани 60 кривични дела.

– Од регистрирани дела од непознат сторител сторени се 34, а од нив, по преземени мерки и активности, расветлени се 12 случаи. Останатите 80 дела се сторени од познат сторител, а реализирани се 80 отсто од нив, односно 92 дела – додаде Маринковски.

Најголем процент од кривичните дела од областа на класичниот криминал се имотни деликти, со регистрирани 35 кривични дела.

Во првите шест месеци од годинава на подрачјето на општините Крива Паланка и Ранковце се регистрирани и пет кривични дела од областа на економски криминал од кои две дела се злоупотреба на службена положба, две се вршење јавен превоз без поседување лиценца и едно дело е симнување или оштетување на службен печат. Регистриран е еден случај од областа на недозволена трговија со дрога, против познат сторител од кој е одземено едно стебло канабис сатива, додека од областа на организираниот криминалитет во овој период нема регистрирано ниту едно кривично дело.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...