Министерството за труд и социјална политика и Агенцијата за вработување, во партнерство со УНИЦЕФ и УНДП, денеска започнаа со интензивни обуки за интегрирано управување со случаи. Ова е една од клучните алки во реформата на социјалната заштита, со што се воспоставува систем на социјални услуги во заедницата кои нудат услуги и поддршка по мерка на поединецот.
Ова значи дека едно стручно лице ќе управува со случајот и ќе има обврска да го следи семејството. На овој начин, социјалниот работник многу подобро ќе ги знае состојбите во семејството, ќе го следи нивниот напредок, но и проблемите во секојдневнието. Ова директно ќе влијае на превенција од многу потенцијални ризици, но и ќе придонесе кон побрзо извлекување на семејствата од ризик со нивна активација на пазарот на труд.
– Системот за социјална заштита и социјалните услуги постојат за граѓаните и треба да се дизајнирани согласно нивните потреби. Токму затоа работиме на јакнење на капацитетите на стручните работници во системот, но и нови вработувања. Во тек се огласи за вработување на нови 138 лица – велат од Министерството.
– Интегрираното водење случаи отвара можност за поголема поддршка на корисниците, а со тоа и подобри резултати во работењето – изјави Арбен Зибери, заменик директор на Агенцијата за вработување.
– Водењето предмети може да има огромен позитивен потенцијал во сите аспекти на социјалната работа и во посредувањето при вработување. Ја поддржуваме оваа клучна промена во начинот на кој корисниците се поврзуваат со најсоодветната услуга, со цел семејствата и децата да имаат квалитетен и исполнет живот – потенцираше Бенџамин Перкс, претставник на УНИЦЕФ.
За Програмата за развој на Обединетите нации хоризонталната координација помеѓу Центрите за социјална работа и Центрите за вработување е круцијален фактор за успешноста на проектот.
– Од огромно значење е јасното дефинирање на улогите на институциите на секој чекор од новиот пристап на интегрирано менаџирање на случаите, и тоа почнувајќи од самиот старт на советување и проценка, па сѐ до успешно вклучување на пазарот на трудот – рече Нарин Сахакиан, заменик претставничка на УНДП.
Во наредните месеци сите стручни работници од центрите за социјална работа и 30 отсто од вработените во Агенцијата за вработување ќе поминат обуки за интегрирано управување со случаи, како дел од подготовките за имплементација на новиот закон за социјална заштита.