Општина Аеродром од денеска почнува акција за собирање на пластиката од домовите во населбата Лисиче, во соработка со здружението „Гоу Грин“ и „Ромски Бизнис информативен центар“, а со поддршка на Град Скопје.
Акцијата вклучува 400 домаќинства во населбата Лисиче, на кои ќе им бидат доделени две кеси за да ја селектираат својата пластика. Кесите ќе бидат доделени од страна на претставници на здруженијата, кои ќе ги запознаат „домаќините“ со идејата на проектот и ќе им се понуди соработка. Една кеса ќе се користи за тврда пластика (амбалажен отпад од јогурт, шампон, детергент, лименки), а другата кеса за ПЕТ амбалажа (пластични шишиња за вода, сок, пиво, зејтин и оцет, односно сите оние амбалажи кои имаат знак „триаголник за рециклирање“).
Кесите ќе се подигнуваат во одреден ден во неделата од страна на неформалните собирачи на отпад. Неформалните собирачи на отпад ќе имаат видлива идентификација.
Од Општина Аеродрмон наведуваат дека целта на оваа акција е да се тестира систем за услуга за собирање отпад „од врата на врата“ и да се организира собирањето отпад на формален начин за интеграција на неформалните собирачи на отпад.
Резултати што се очекуваат со реализацијата на оваа акција се намален отпад на депонии, намалено аерозагадување, заштита на животната средина и социјална и економска инклузија на неформалните собирачи на отпад.