Владата мора да го објасни овој хаос

3032

Нема ниедна причина, ниту оправдание постојано да се поткрева прагот на толеранцијата кон националистичката хистерија и екстремизмот. Тоа е исто како да се толерира, па и озаконува криминалот. Ако расте бројот на педофили, нема да расте и толеранцијата кон нив. Така е и со екстремниот национализам. Тие се забранети со закон и мора да се санкционираат. Можеби не е лесно, но нема ништо поедноставно од тоа.

Екстремизмот го негуваа Груевски и Фамилијата, а сега негов најистурен промотор стана Иванов, узурпаторот на претседателската функција и лик што очајно се обидува да докаже дека неговиот прекар Фикус не е целосно точен. И му успева кај луѓе што се заведени или платени да го осуетат забрзаниот прогрес на Македонија. Власта тврди дека нивниот број е мал, а нивниот профил веќе е добро познат. Особено ако ова е точно, загрижува отсуството на соодветен одговор од институциите, општеството и јавноста. Во земјава владее конфузија, дивеат екстремни банди, а скандалите ни (о)станаа секојдневие. Владата мора да го објасни овој хаос.

Премиерот Зоран Заев вели дека ќе поднесе оставка ако има повеќе луѓе што ќе гласаат ПРОТИВ отколку ЗА на Референдумот. Тоа е неприфатливо размислување. Референдумот е на граѓанките и граѓаните, одговара на прашање што се однесува на судбината на Македонија, а не е изборно прашање. Дали гласачите сакаат Зоран Заев и неговата партија да бидат на власт или не, ќе одговорат на избори, а не на овој Референдум, без оглед на тоа колку тоа изјаснување е индикатор за неговата популарност.

Успехот или неуспехот на Референдумот зависи и од тоа колку институциите и државата ќе обезбедат демократски и фер услови за непречено одвивање на процесот. Не е тешко да се разбере дека стравот и нефункционирањето на институциите може да бидат погубни по изборните процеси. Слободата на гласачите веќе сега е загрозена со црната кампања и насилствата што се случија, но и со крајно проблематичниот Изборен список, со ДИК што е мачка во вреќа и со недостаток од владеење на правото. Системот нема советодавна функција, туку мора да функционира доследно и во целост. Колку и да е смешно, изгледа како политичарите имаат проблем да сфатат дека црвеното светло на семафорот значи стоп, а не „може да застанеш, а може и да не застанеш“.

Институциите се слаби, а дополнително се разнишани по сите политички компромиси што ги направи СДСМ со Мицкоски и компанија. Наспроти сите подмолни политички трикови, сите уцени и кршење на договорите, се инсистираше на политички дијалог, но само според каприците на ВМРО-ДПМНЕ, надвор од институциите, некогаш зад затворени, некогаш зад полузатворени врати. Последиците се видливи и елаборирани во безброј анализи, колумни и статуси на социјалните медиуми. Треба да се запомни: попустливоста и толеранцијата се два различни поими.

Министерот Спасовски (МВР) е повикан да постапува, но не е единствениот. Системот не смее да зависи само од полициска акција, инаку ќе се вратиме во времето на криминалното владеење, „МВРО“, „ние сме лудаци“, „миле-ми-текна“… Треба ли да се објаснува повеќе од ова?

Премиерот Заев повика на оставки од директорот и програмскиот совет на МРТ. Пред да го упати тој повик, можеби е подобро да одговори на прашањето како дојде до тоа МРТ толку долго да остане истата Бастилја од најцрното време за Македонија.

Исто така, премиерот Заев ѝ се пожали на јавноста дека инцидентот на Мечкин Камен е предизвикан од истите лица што атакуваа на државноста и на животите на пратеници и новинари на 27 април 2017 година. Крајно неприфатливо е што системот го дозволил и тоа. Можеби МРТ можевме и да ја проголтаме со вообичаениот цинизам и подбив што ја придружува оваа куќа со децении, но да им се остави простор за дејствување на познати екстремни насилници е незамисливо. Ако сакаме Референдумот вистински да ја отслика волјата на македонските граѓанки и граѓани, мора да завладее правото, а не политичките пазарења, уцени и договори што не се почитуваат.

Луѓето може да имаат силни емоции, па и да бидат националисти, да ги мразат своите сограѓанки и сограѓани или соседите, да се плашат од Марсовци… Може да не сакаат да гласаат на Референдумот или да сакаат да гласаат против, сето тоа може да го спориме или одобруваме, да дебатираме, па и да се караме. Но, неприфатливо е правосудството да остане пасивно кога некој секојдневно го крши Кривичниот закон по многу основи. Кршење на Уставот, загрозување на поредокот, насилство, екстремизам, ширење етничка и верска омраза, многу веројатно и шпионажа… Малку ли е тоа?

Националистите и фашистите добија апсолутна предност. Прославата на големиот празник Илинден покажа дека на мета не е само Референдумот, туку фундаментите на Македонија, колку и да сака некој да прикаже нешто друго.

Од Иванов не можеше да се очекува ништо друго, освен уште еднаш да покаже дека е екстремист што патолошки ужива во својата улога. За него веќе не може да се најде ниедно оправдание, за него се потребни законски мерки. Како и за сите останати криминалци, се разбира.

Како што стојат работите сега, сиот нормален свет (па дури и националистите) се оставени на милост и немилост на криминалци, ИСТО како и порано.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...