Анте Томиќ: Во судница тешко болен, а на стадион полетно подрипнува

Анте Томиќ за Иво Санадер: Како може човек кој на руските трибини живо скокаше и славеше за само неколку дена да се претвори во сериозно болено и „подвижен мртовец“.

1295

Речиси секоја генерација на гимназијалци ја памти анегдота кога еден од нив, на пример,некој Ненад, избегал од училиште за да го следи натпреварот на саканиот клуб. Утредента на класниот му носи оправдување дека бил отсутен поради инфекција на увото, поради пролив, настинка, вртоглавица, така нешто, многу опасно. Меѓутоа, класниот едвај го погледнува неговото внимателно фалсификувано лекарско уверение и полека, спокојно и без зборови, ја го кине на ситни парчиња и го фрла во корпа за отпадоци. „Ама, професоре, зошто?“, пелтечи Ненад изненадено.

„Натпреварот, Нено, вчера беше на телевизија, во директен пренос“, го предупредува класниот. „Камерата те сними на трибините од стадионот“. Не поминува годишница од матура, а луѓето да не се потсетат на ова и секој пат буквално плачат од смеење како пролетта седумдесет и втора покојниот професор Ѓуро, страв и трепет во математичката гимназија, на Ненад, денес еден од нашите најпочитувани дијабетолози, му збичи шест неоправдани, пишува Анте Томиќ во Јутарњи лист.

Вакви смешни случки секојдневно им се случуваат, обично на средношколските мангупи, а понекогаш и на барабите кои биле поранешни премиери. Иво Санадер неодамна дојде во судот во Загреб поради една од многуте срамни афери во која беше фатен и со слабникав, треперлив шепот се пожали дека поради неговото трошно здравје, кх,кх,кх, не може да доаѓа на рочиштата. Судот тогаш го прифати неговото оправдување, иако истиот тој блед, исцрпен, полумртов Санадер само неколку дена пред тоа телевизиските камери и фотографите го снимија во Русија, како румен како јаболко во некоја пивница во Калининград се фотографира со обожаватели пред натпревар и подоцна на стадионот како подрипнува како ждребе радувајќи се на головите на „Ватрените“.

Покрај тоа, сериозно болниот, тешко подвижен Санадер беше виден и после тоа, на московското финале, во прописна патриотска модна комбинација, со шалче и џилкошки свртено капче со црвено-бели квадрати, како пее и вика и револтирано беснее поради јасните неправедни одлуки на аргентинскиот судија. Ех, нема правда тука за малиот човек, Иво Санадер би можел да ви раскаже сѐ за тоа.

Што се случи тука, многумина се запрашаа? Зарем нашата судска власт не гледа телевизија и не чита весници? Како не ја приметиле разликата помеѓу Санадер, кој пред нив се збогуваше со овој свет и Санадер, кој пргаво скокаше секогаш кога Марио Манѓукиќ се наоѓаше сам пред противничкиот голман? Да не отишол можеби поранешниот премиер кај некој брадест руски исцелител, православен мистик од Урал, ја целивал иконата на Александар Невски, се причестил со домашна вотка од шеесет и пет степени и една врела сила моментално му дошла во безживотните нозе. Или пак, мене ми се чини дека можеби е пологично, Санадер бил обземен од оној медицински необјаснив полет што ги држеше и хрватските репрезентативци.

Па и Лука Модриќ и друштвото изгледаа исцрпени по продолженијата против Данска и Русија, англиските новинари погрдно ги нарекуваа подвижни мртовци, ги потценија исто како што беше Иво Санадер од загребскиот суд, а тие станаа од инвалидските колички и развалија. Слободна Далмација донесе приказна за некој навивач кој цела Русија ја поминал со скршена нога. Најверојатно дека се случило чудо, една од оние „стани и оди“ приказни, некоја невидлива сила ги подигала неволните хрватски Лазари од гробовите.

Мора да е такво нешто зашто, ако не било медицински необјасниво исцелување, тогаш во Жупанискиот суд во Загреб некој е слабоумен. А се разбира дека е, потполно, неверојатно, никогаш во историјата не се случило во загребскиот Жупански суд некој да бил слабоумен.

Подготви: А.Ј.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...