Ќе поднесам оставка ако на референдумот има повеќе гласови „против“ од „за“, рече денеска премиерот Зоран Заев од отвореното студио на 1 ТВ во Охрид.
Според него, добро е, не само за државата, туку и за ВМРО-ДПМНЕ да повика на излезеност на референдумот, а граѓаните да се изјаснат како сакаат.
– Пред лидерите на политичките партии реков, ако сме за ЕУ и НАТО, ајде нашите партиски определби да ги ставиме на страна или во втор план, а државата да биде на прво место – истакна Заев, откако претходно информира дека на ВМРО-ДПМНЕ ѝ понудил да влезе во Владата за заедно да го „одработат“ референдумот, но опозициската партија одбила, останувајќи на барањето за амнестија.