Додека целиот државен врв одлучно порача да тргнеме кон иднината, само Ѓорге Иванов повика да останеме заглавени во минатото на омраза, поделби, криминал и неказнивост.Додека граѓаните ги славеа заедништвото и сплотеноста, Иванов разгоруваше и поттикнуваше меѓуверска и меѓунационална омраза како што тоа го прави со години, рече на прес-конференција Костадин Костадинов, пратеник од редовите на СДСМ.
Според него вчерашниот ден уште еднаш покажа дека претседателот на државата се води од лични и теснопартиски, а не од интересите на граѓаните и државата.
„Со тоа Иванов ги погази вредностите на илинденското востание и заседанието на АСНОМ. Говорот на Иванов беше срам за илинденците, срам за сите што се жртвувале за идејата за слободна, независна Република Македонија“ – рече Костадинов.
Иванов, додаде тој, останува изолиран во своето антидржавно однесување, заглавен во минатото на криминал и неизвесност. Иванов останува на темната страна од македонската историја.