Шефот на Канцеларијата на НАТО во Скопје, морнаричкиот капетан Горазд Бартол во интервју за МИА изрази надеж дека следната година, кога Алијансата ќе одбележи 70 години од основањето, во седиштето на НАТО во Брисел ќе се вее и македонското знаме.
Во интервјуто за МИА тој говори за процесот на разговорите, кои и официјално почнаа кон крајот на месецот, откако земјата на Самитот во Брисел доби покана за членство, појаснува дека терминот е пристапни разговори, а не преговори, дава оценка за подготвеноста на земјата да стане дел од Алијансата, ги појаснува придобивките што една земја ги добива кога станува дел од НАТО.
Словенечкиот капетан ја потенцира важноста од конечно решавање на спорот со Грција за името, како главна препрека на нашите евроатлантски интеграции. Верува дека граѓаните во земјата ќе излезат и ќе гласаат позитивно на претстојниот референдум, нагласувајќи оти тие треба да ја искористат оваа историска прилика за земјата.
НАТО ја докажа својата сериозност во однос на намерите Македонија да стане нејзина 30-та членка. На 25 јули почнаа претпристапните преговори, откако земјата по 19 години како кандидатка на Самитот во Брисел, конечно доби покана за членство. Што не чека во овој процес на преговори, на што ќе биде насочен, за што конкретно ќе се преговара, во што ќе се усогласуваме?
– Прво, би сакал да ја искористам приликава за да им честитам на вашите сограѓани за клучниот чекор што вашата земја го направи во процесот за членство во НАТО. Исто така, би сакал да ја поздравам Владата која постигна толку многу за толку малку време. Сите ние не треба да заборавиме дека само пред нешто од повеќе од една година, земјава беше на работ на голема внатрешна нестабилност. На последниот Самит на НАТО во Брисел, шефовите на држави и влади ја поканија вашата земја да почне пристапни разговори. Штом ги завршите сите национални процедури и откако сите НАТО сојузници ќе го заокружат процесот за ратификација, вашата земја ќе стане 30-тата членка на НАТО.
Во НАТО е договорено помошникот на генералниот секретар на НАТО за политички работи и безбедносна политика, Алехандро Алваргонзалес да го предводи тимот на НАТО во пристапните разговори. За време на овие разговори, експертите на НАТО и претставници на вашата земја ќе дискутираат за тоа и ќе го потврдат интересот, волјата и способноста да се почитуваат политичките и воени обврски и посветеност за членство во НАТО, меѓу кои и ратификација на сите потребни меѓународни договори и протоколи. Паралелно со пристапните разговори, во рамки на континуираното учеството на вашата земја во Акцискиот план за членство, тимот на НАТО, исто така, со вашата Влада ќе ги разгледуваат специфичните прашања и реформи врз основа на кои ќе се очекува да се оствари прогрес пред и доколку е потребно и после пристапувањето со цел да се зајакне вашиот придонес кон Алијансата.
Според проценките на македонската Влада, оваа фаза од нашиот пат кон НАТО треба да заврши до крајот на годината. Ваша оценка колку време ќе преговараме, со оглед на тоа дека Македонија е земја со најмногу МАП, рекордни 17 и 18-от е на пат?
– Свесен сум за уникатната ситуација дека земјата во еден краток период доби и датум за почеток на преговори за членство во ЕУ во јуни 2019 и покана за почеток на пристапни разговори со НАТО, но се чини дека постои збунетост во јавноста околу тоа што всушност земјата постигнала на нејзиниот пат за интеграција во НАТО. Постои јасно разграничување меѓу пристапни разговори со НАТО, што разрешуваат некои важни прашања, но, сепак, треба да бидат завршени за неколку месеци и старт на преговори за членство во ЕУ, што може да траат многу долго време, дури и децении во некои случи. Затоа, важно е да се употребува точниот термин – вашата земја доби покана од НАТО за почеток на пристапни разговори, а не преговори.
Во врска со вашето прашање колку долго ќе траат пристапните разговори со НАТО, можам да ги потврдам проценките на вашата Влада дека, исто така, и ние во НАТО планираме да ги завршиме за неколку месеци. Причината зошто поминавте толку многу циклуси од Акцискиот план за членство е политичка – бидејќи заемно прифатливо решение за прашањето за името не можеше да биде постигнато подолг период. Многу ми е мило дека со Договорот од Преспа и со негова имплементација, прашањето конечно ќе биде затворено.
Конечно во земјава се активира Работниот комитет за интеграција на РМ во НАТО, кој не беше во функција од 2008 година, кога Македонија на Самитот во Букурешт поради грчкото вето не доби покана за членство. Вие во земјава на оваа позиција сте од 2016 година, ваша оценка – земјата изминатиот период работеше ли на исполнување на критериумите за влез во НАТО?
– Периодот додека бев во Скопје беше многу интересен и полн со настани. Бев сведок на многу настани што можеа да ја попречат земјава на нејзиниот пат кон евроатлантска интеграција. За среќа, работите тргнаа во правилната насока. Формирањето на Влада минатата година и политичката стабилизација по парламентарните избори во 2016. беа многу позитивни чекори кон напредок. Новата Влада го прогласи членството во НАТО за врвен приоритет и ја идентификуваше потребата за пронаоѓање на конечно решение на спорот со името со Грција. Исто така, таа е посветена да го забрза процесот на реформи во одбраната. Драго ни е што соработуваме и го набљудуваме одличното лидерство на вицепремиерката и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, која го отвори процесот на Стратешкиот одбранбен преглед. За време на многу успешниот преглед, Владата ги идентификуваше приоритетите што треба да се имплементираат за да се подобри вашиот одбранбен систем.
Веќе споменавте дека Алехандро Алваргонзалес ќе го предводи НАТО тимот во разговорите. Значи тие ќе бидат предводени од висок претставник на НАТО. Дали ова е вообичаена пракса за секоја земја-кандидат?
– Помошникот на Генералниот секретар на НАТО за политички работи и безбедносна политика, Алехандро Алваргонзалес ќе го предводи тимот на НАТО во пристапните разговори. Да се номинира висок претставник на НАТО да ги предводи пристапните разговори е пракса што исто така се примени при последното проширување на НАТО со Црна Гора. Се разбира, тој ќе има и силна поддршка од експертите на НАТО во седиштето на НАТО во Брисел, како и на терен од Канцеларијата за врски на НАТО во Скопје. Помошникот на генералниот секретар на НАТО, Алваргонзалес е запознаен со ситуацијата во вашата земја. Би сакал да потсетам дека тој веќе го посети во Скопје во март 2018 каде оствари средби со високи претставници на вашата земја.
Ваша оценка дали Македонија е подготвена да влезе во најголемиот воено-политички сојуз во светот во однос на состојбата во нашата армија, воената организација, финансиите, буџетот во сферата на одбраната?
– Со одлуката на НАТО Самитот во Букурешт, НАТО уште во 2008 на некој начин одлучи дека земјата технички е подготвена да влезе во НАТО. За жал, десет години беа потребни за да конечно се најде заемно решение на прашањето за името. За време на овие десет години, земјата и нејзиниот одбранбен систем не направија напредок колку што можеа. По формирањето на сегашната Влада во 2017, министерот за одбрана со нејзината мотивација и политичка способност, почна многу брзо да го менува трендот и да спроведува потребни чекори за да се реформира системот за одбрана. Исто така, од голема важност е тоа што земјата се обврза да го зголеми буџетот за одбраната. Инвестирање во одбраната е клучно за НАТО бидејќи ние мора да ја одржуваме нашата безбедност во еден свет кој станува се понепредвидлив.
Директорот за европски и глобални партнерства на НАТО, Џејмс Мекеј, најавувајќи го почетокот на разговорите, за време на неговата посета на земјава, прогнозира дека ќе бидат потребни 18 месеци до полноправно членство, вклучувајќи ги тука и ратификациите во Парламентите на земјите-членки. Дали го гледате македонското знаме како се вее во седиштето на НАТО, заедно со знамињата на земјите-членки кон средината на 2019 година?
– Кога мојот колега Џејмс Мекеј ја даде неговата проценка за колку време вие би можеле да и се приклучите на НАТО реално, тој се потпре на примерот со Црна Гора. Навистина, на Црна Гора и требаа 18 месеци од поканата да ги започне пристапните разговори до влез во НАТО како членка. Земјата ги заврши пристапните разговори за речиси шест месеци, а на сите НАТО сојузници им требаа уште 12 месеци за да ги ратификуваат Протоколите за пристапување на Северноатлантскиот договор. Јас се надевам дека во 2019, годината кога НАТО ќе одбележува 70 години од основањето, новото 30-то знаме, со стилизирано сонце на црвена основа ќе се вее пред седиштето на НАТО во Брисел.
Нашиот влез сепак, е условен со имплементација на Договорот од Преспа. Генерално интеграцијата на Македонија во ЕУ и НАТО е условена од имплементацијата на Договорот со Грција. Оптимизмот дека Договорот ќе биде имплементиран е присутен и во Македонија и во Грција, но што доколку референдумот не успее?
– Членките на НАТО, како и генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг навистина топло го поздравија Договорот како големо достигнување и на Скопје и на Атина со кој се дава пример за другите во регионот. Јасно е дека спорот за името надвиснуваше над регионот премногу долго.
Со оглед на огромната поддршка за НАТО во земјава, над 70 отсто, ги повикувам граѓаните јасно да го искажат своето мислење во голем број. Не само како претставник на НАТО, но и како Словенец, кој е сѐ уште некако емотивно поврзан со вашата земја – цврсто верувам дека ќе ја искористите историската прилика, не само во интерес на сегашните генерации, туку и во интерест на идните. За жал, многу е јасно дека без финализација на договорот, која вклучува и промена на Уставот, вашата земја не може да стане членка на НАТО во скора иднина.
Во 1993 македонскиот Парламент усвои резолуција за членство, во 1995 година нашата земја се приклучи кон Програмата Партнерство за мир, Канцеларијата на НАТО беше отворена во 1997 година, кандидат станавме во 1999 година – патот беше долг. Македонија вложи многу напор на тој пат. Кои се придобивките од нашето останување и истрајување на евроатланскиот курс?
– Како што на сите ни е познато и како што било колективно договорено и на Самитот на НАТО во Букурешт во 2008, вие требаше да решите специфични прашања. Иако патот кон НАТО за вас беше тежок, но тој сепак ви помогна да направите прогрес во реформите, да ги прилагодите промените во општеството како и вредностите, но и во секторот за одбрана, пред сѐ за самите себе си, бидејќи вам ви се потребни реформи кои се во ваша корист.
НАТО е Алијанса на вредности и е „зајакнувач на сили“. Суштинските вредности на НАТО се врежани во Северноатлантскиот договор од 1949, а тоа се слобода, заедничко наследство и цивилизација на народите, засновано на принципите на демократија, индивидуална слобода и владеење на правото. НАТО е постојана коалиција на слободните демократии – со сите политички, воени и дипломатски предности кои ги дава. Земјите кои и се приклучиле на Алијансата ја зацврстиле демократијата, ја зајакнале безбедноста, а и им овозможиле поголема безбедност на нивните граѓани. Членство во НАТО го зајакнува суверенитетот на земјата. Членство во НАТО, исто така, треба да има влијание врз економијата, подобри рејтинзи на вашата земја која станува поатрактивна за странски инвеститори, итн. Исто така, вашата земја ќе добие свое место на масата на НАТО и ќе можете активно да учествувате во оформувањето на политиките на НАТО.
Дали очекувате вмешување на надворешни фактори, на пример руски во евентуалното попречување да станеме дел од НАТО?
– Влезот во НАТО Алијансата е прашање за вашата земја, за вашите граѓани и за сегашните 29 членки. Никој друг нема право да се меша.
Ана Цветковска