
Општина Крушево реагира по повод говорот на омраза искажан денеска за време на прославата на празникот Илинден.
„На 115 години од Илинденското востание, Крушево беше сведок на демонстрирање омраза и нетрпеливост, како и непочитување на идеалите на Крушевскиот манифест и борците за слобода. Денес во Крушево на големиот Илинден слушавме пароли на омраза и повикување на насилство врз неистомислениците.
Место мир, сплотеност и разбирање на 2-ри Август во Крушево се посеаја навреди, омраза и повици за линч. Илинденците и крушевчани се горди на денешната слободна Македонија, на македонскиот јазик и македонскиот идентитет кои ги зачувавме и зацвртивме. Сите оние кои на овој свет ден сеат омраза и навреди врз своите сограѓани се срам за илинденците и го сквернават овој голем празник.
Општина Крушево стои во заштита на правата и интересите на граѓаните на општина Крушево и граѓаните на Македонија и се оградува од омразата која некои организирани и малубројни структури ја ширеа денес на Мечкин Камен. Нека им суди историјата“, се наведува во реакцијата на Општина Крушево.