Мицкоски: Браќа земљаци и мили комшии, кажете „Не“!

Ве уверувам, ќе ве поразиме жестоко што нема да знаете што ве снашло, дали тоа ќе бидат предвремени или редовни парламентарни избори, рече Мицкоски обраќајќи ѝ се на власта.

1658

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска во, како што рече, комитско Ташмаруниште, по повод празникот Илинден, индиректно побара од граѓаните да кажат „Не“ на претстојниот референдум на кој граѓаните треба да се изјаснат за членството во ЕУ и НАТО преку прифаќањето на договорот со Грција за решавање на спорот околу името.

Тој го започна својот говор како што точно пред 115 години востаничкиот Илинденски штаб во Манифестот напишал „Браќа земљаци и мили комшии“ со што бил означен почетокот на револуционерното востание на илинденците.

Можеби, не проаѓа ниту еден собир во последно време без неколку зборови кои што ќе алудираат на моменталната политичка ситуација во државата, ќе ми простите, но некако не можам да се оглувам на тоа што ѝ се случува на мојата татковина. Овдека од оваа бина би сакал да прокоментирам неколку политички настани. Гледаме како премиерот на владата на Република Македонија и естаблишментот околу него силно се удираат во гради дека биле за Европската унија, а демек сите ние останати кои што не ја споделуваме нивната капитулација не сме биле за ЕУ. Да не знаевме со кого си имаме работа може и некој ќе им поверуваше, а вака сето тоа удирање во гради за Европската унија завршува во секундата кога ќе се подели по некој наместен тендер во здравството, или државна помош на фирмата на вицепремиерот, па затоа за да се одбегне јавноста кругот ќе се прошири со фирми на нивните кумашини, или пак кога вицепремиерката задоволувајќи ги своите хедонистички пориви ќе отиде на ручек со хеликоптер. Затоа ќе им порачаме од овде, колку повеќе се удираат во градите и велат ДА, толку повеќе вие и сите оние луѓе во Република Македонија ќе им кажат едно големо и громогласно НЕ. Доста е! – рече Мицкоски.

Според него, вистинската сплотеност треба да започне преку одбрана за државните и национите интереси.

– За каква сплотеност се говори кога на сила без консултации туркааат референдумско прашање за смена на името. Кога секој втор ден прогласуваат предавници и патриоти, кога има пратеници и други невини жртви оптоварени со политички конструирани случаи само со единствена цел да се скрши ВМРО-ДПМНЕ и непокорот на Македонците во нашата мила Република Македонија – рече тој.

Мицкоски се осврна на разните шпекулации.

– Не можат да го сокријат ниту еден од апологетите кои секојдневно критикуваат, спинуваат, сеат невистини и магли, шпекулации дека еве ќе сум променел став, дека ќе сум потклекнел на притисоците доколку ги имало, дека сум бил маша на политиката. Критикуваат, лажат, измислуваат, конструираат, а сѐ со една цел, како капитулацијата да ја претстават како триумф, лагата да ја претстават како вистина, а шансата да ја претстават како избор помеѓу иднина или изолација. Ние во оваа битка не влеговме за да коленичиме пред канцелариите и да реализираме некаков интерес или некакво место во извршната власт. Ние влеговме со чиста мисла, која што се темели на принципи, искреност и верба во тоа во кое што сите вие верувате, а тоа е Република Македонија и немаме намера за тоа да правиме компромис. Со нашите принципи и нашата верба нема да правиме компромис – додаде Мицкоски.

Зборувајќи за навредите кон него, Мицоски порача:

– Оние кои лажат, ме напаѓаат, навредуваат на дневна основа ме омаловажуваат, ќе им порачам, и додека бев во касарната во 2002 година и 2003 година како дел од македонската гарда и кога бев во библиотеките по западните универзитети и кога бев заедно по клупите со моите студенти на универзитетот и кога сум сега исправен пред вас, сонував еден сон, а тоа беше сонот на мојата генерација да ја види оваа држава горда, достоинствена исправена Република Македонија. И сега на крај, нема да ви дозволам да ме разбудите во кошмар, ќе го досонувам јас мојот сон и ве уверувам ќе ве поразиме жестоко што нема да знаете што ве снашло, дали тоа ќе бидат предвремени или редовни парламентарни избори – рече Мицкоски.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...