Драг Шилегов, очекуваме автобуси на струја, а не на гас

Од Електромобилност Македонија очекуваат од пролетта 2019, да се возат најмалку 20 евтини електрични автобуси, а во пролета 2020, уште 30.

801

Организацијата за електрични возила во Македонија Електромобилност Македонија jа осуди набавката на автобуси на гас за Град Скопје, нагласувајќи дека при тоа се игнорира фактот дека нафтените деривати се во директна врска со малигни и немалигни заболувања, а трошоците во вкупниот животен циклус на автобуси на гас е далеку поскап од трошоците на животниот циклус на електричните возила.

„Електрификацијата на транспортот е трајно решение. Чувствуваме одговорност да го потсетиме градоначалникот на Град Скопје г-дин Шилегов, дека имаме право на чист воздух! Граѓаните го заслужуваат тоа и поради тоа предлагаме евтино диверзифицирано решение, како целина од композиции со електрични автобуси во комбо со тролејбуси и лесен електричен трамвај.

За електричните автобуси, инфраструктурно, ќе биде потребно инсталирање на јавни полначи на стратешки позиции во градот. За тролејбус, инфраструктурно, ќе биде потребно инвестирање во ре-електрификација. За лесен електричен трамвај, инфраструктурно, ќе биде потребно инвестирање во ре-електрификација со мрежи во мрежи и шински линии, денивелација (без вкрстување со уличниот сообраќај), трафо станици, депоа, двоен колосек на клучни траси, до 50 километри. Шинскиот градски електротранспорт ќе се поврзе со инфраструктурата на Македонски железници. Според физибилити студијата од пред десетина години изработена за Град Скопје, лесен електричен трамвај би можел да се развива на најфреквентни линии“, се наведува со соопштението од Електромобилност Македонија.

Оттаму објаснуваат дека електричните автобуси, како и тролејбусите, ќе ги користат веќе постоечките булевари. Сервисирањето на комплетната палета на електрично влечните возила ќе може да се сопостави во интегриран електровлечен систем. На пример, за среднонапонската мрежа за тролејбуси и трамвај, ќе бидат задолжени инженерите од МЕПСО, јавната државна полначка инфраструктура и депоа, ќе бидат обврска на ЈСП, мали и средни компании ќе се вклучат во сервисирање на опремата итн. Ќе биде потребно инвестирање во кадрите коишто ќе управуваат и ќе ги сервисираат електричните возила, со сериозно покачување на плати, со обуки и стимул.

Лесен електричен трамвај (light electric tram) се користи во шпанскиот град Билбао. Решението од Ница, Франција, е со инсталиран трамвајски систем без надземна мрежа за напојување, со индуктивно подземно напојување за време на запирањата на трамвајот. Тролејбуси се користат во многу европски градови.

„Доколку ги споредиме трошоците за двете решенија во животен циклус од десет години, за електрични автобуси и автобуси со мотори за внатрешно согорување, на вагата ќе ги вкалкулираме, просечната потрошувачка за поминати километри за десет години со апроксимирана споредба на цени на електрична енергија апропо набавка на гас, амортизациони и сервисни трошоци за одржување на автобускиот парк во двете варијанти, ефектот врз здравјето со и без скриениот трошок којшто се префрла на граѓанството како лекови и терапии во делот од јавното здравје за спектар на болести поврзани со нафтените деривати. Но, кога станува збор за електрични возила, споредбата на сите аспекти може да се прави на периоди поголеми од дваесет години, имено до 40 години, во исто време имајќи предвид дека пред неколку години веќе плативме најмалку 40 милиони евра за фијаското со даблдекерите. Процесите на топлење и ладење на животната средина како и намалувањето на бучавата на минимум, во дневните и ноќни часови, исто така“, се наведува во соопштението од Електромобилност Македонија.

Во Електромобилност Македонија сметаат дека на среден рок од 10 години, електричните автобуси се најсоодветно и најразумно решение за Град Скопје. Јавниот електричен транспорт во отровните зимски денови предлагаат да биде бесплатен. Додаваат дека граѓаните ќе бидат стимулирани да ги остават автомобилите и да користат евтин електротранспорт во сите годишни времиња во комбинација со идејата за велосипедски и пешачки град, субвенционирани е-цикли под 50 кубни сантиметри.

Од Електромобилност Македонија бараат Шилегов да ја преиспита набавката на автовусите на гас.

„Драг господине Шилегов и драги советници, очекуваме во Скопје, од пролет 2019, да се возат најмалку 20 евтини електрични автобуси, а во пролет 2020, дополнително уште 30. Во наредните 15 години или 4 градоначалнички мандати, по предложената прогресија, ЈСП би управувала со автобуски возен парк од 150 до максимум 200 електрични автобуси и/или 50 до 100 тролејбуси, единечни и/или дупли, со завршена проектна документација за лесен електричен трамвај со изградба на првите 10 километри од трасите и визија со скица за метро. Полначката инфраструктура за автобусите мора да биде таква што ќе зафаќа поширока палета на стандарди и нема да биде ограничена на еден производител“, порачуваат од Електромобилност Македонија.

Оттаму ја осудуваат секоја јавна набавка од институции, на ниво на Влада, општини и јавни претпријатија во цела Македонија, за возила коишто не се електрични, како примерот со набавките од минатата власт на дизел локомотиви за Македонски железници, како и тендерот за 40 возила со мотори за внатрешно согорување за потреби на Владата во овој момент, за фантастични 1,7 милиони евра како непотребен трошок за јавни службеници, кои ќе мора да се научат да користат јавен транспорт и да креираат чувство за трошењето на јавните средства на граѓаните.

„Прашања за јавна дебата: Колку чинат лековите за граѓаните заболени од инхалирање нафтени деривати? Што со алергените при инхалација на нафтени деривати кај деца, астматичари, дијабетичари, сограѓани од трето доба? Дали сте запознаени со информацијата на истражувачи социолози дека поради аерозагадувањето, веќе има случаи на граѓани кои трајно се отселуваат од Република Македонија? Дали не е време да се воведе ЗЕЛЕНА ТАКСА од минимум 1 денар до максимални 3 денари за сите возила со мотори за внатрешно согорување по купен 1 литар гориво или 1 до 3 денари по изминат соодветен број на километри? Имено, ЗЕЛЕНАТА ТАКСА ќе полни фонд од каде што ќе се црпат средства за електрификација на транспортот“, велат од Електромобилност Македонија и додаваат дека не е предоцна да се стопираат „ваквите катастрофални процеси доколку постои прагматичен здрав разум“.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...