Секторот за внатрешни работи Скопје до надлежното Основно јавно обвинителство во Скопје поднесе кривична пријава против К.М. (20) од Скопје, поради постоење основи на сомнение дека сторила кривично дело „запуштање и малтретирање малолетно лице“ предвидено и казниво по чл. 201 од КЗ на Р. Македонија.
Пријавената во периодот од 15.06. до 06.07. годинава во повеќе наврати на локации каде што престојувале го оставала без надзор и без грижа своето едногодишно дете М.Д., при што детето се здобило со тешки телесни повреди.
На 07-ми минатиот месец пријавената К.М.(20) заедно со нејзин пријател Т.Ј. од Скопје, во Ургентниот центар при комплекс клиники „Мајка Тереза“ Скопје го донеле детето, кај кое биле видливи повеќе повреди по телото и главата, дополнително констатирани и документирани од лекари при Ургентниот центар.
По пријавувањето на настанот, полициски службеници од Единицата за насилен криминал при СВР Скопје извршиле разговор со К.М. во кој таа појаснила дека на 15.06. годинава, заедно со нејзиното дете го напуштиле нивниот семеен дом во Скопје каде што престојувале со фамилијата на нејзиниот невенчан сопруг, бидејќи тој бил на издржување на казна затвор во КПУ „Скопје“ Скопје. Мајката рекла дека престојувала на неколку локации во Скопје каде што повеќе пати го оставала само и без надзор нејзиното едногодишно дете. На 07-ми минатиот месец пријавената заедно со нејзиното дете побарала од Т.Ј. да ги однесе на посета кај нејзиниот невенчан сопруг, но откако тој видел дека детето има повеќе повреди по лицето и главата веднаш со своето возило ги однел во Ургентен центар при комплекс клиники „Мајка Тереза“ Скопје.
Полициски службеници од ЕНК – ОКСД при СВР Скопје извршиле разговор со пријавената и со уште девет други лица, како и полиграфско испитување. Од страна на ЕУМНА при СВР Скопје, на локациите каде престојувала пријавената извршена е крим-техничка обработка, а подигнатите траги се предадени на ОКТИВ при МВР на РМ за што се изготвени извештаи од вештачење. Целокупниот материјал е предаден на надлежен Јавен обвинител на натамошно постапување.