Една од нашите клучни обврски како генерација е да си го вратиме назад значењето на зборот „патриотизам“, збор испоганет токму од оние кои најбезобразно го злоупотребија.
Широчина е тој збор, бескрај е.
Затоа, лесно е да се скриеш во него и потоа во името на наводната љубов кон татковината, така засолнет, ѕверски да ја парчосуваш одвнатре, да го закрвиш и да го поделиш народот, додека полниш џебови со пари, а усти со лажни обвинувања за одродување. Лесно е, ама е крајно лицемерно и токму тоа е врвно предавство на државата, на татковината, на родољубието.
Со нарекувањето на оваа (за мене сѐ уште докрај неразбрана) идеја Македонија да се уништи – „патриотизам“, овој збор доби сосема друго значење, си стана сопствен антоним. Своевиден срам.
Тоа не смееме да го дозволиме. Патриотизмот ни припаѓа и е една од најубавите емоции.
Апослутно и безрезервно ни припаѓа на сите нам, кои татковината си ја љубиме искрено и чесно, кои се бориме за слобода и за права, за вредности и за правда, за основната идеја – сите криминалци да завршат зад решетки (без разлика на кој партиски лидер или бизнис-Бог се молат), оти без тоа нема напред, за демократија и за одговорност, за институции и за систем, за достоинствено здравство и образование, за инвестиции во културата и за заштита на наследството, за подобар стандард и социјална грижа, за национални победи, мали и големи, ама наши, заеднички победи – во науката, во спортот, во музиката, за натпревар меѓу народите каде што ред е бре луѓе и ние да учествуваме, ама и да победуваме… Конечно, за сето она што навистина значи патриотизам во векот во којшто живееме!
Честит празник патриоти и горди граѓани на Републиката!
(ФБ статус на авторката)