„Млади за Македонија“ ќе собира потписи за контра-референдум

1050

Организацијата „Млади за Македонија“,  на својата страница на Фејсбук објави дека почнува иницијатива за собирање потписи за спротивставувачки, таканаречен „Татковински референдум“.

Целта на овој нов референдум, како што велат од организаијата која ги организираше и неодамнешните протести против промена на името, е да ги одбрани и трајно да ги заштити трите македонски црвени линии: уставното име на Македонија, македонскиот јазик и идентитетот.

„Новиот Татковински спротивставувачки референдум ќе издејствува трајна заштита на уставното име на Република Македонија, македонскиот јазик и идентитет од правен аспект и со потребните поправки во законската регулатива ќе спречи такви манипулации во иднина. Бојкотирањето на нелегитимниот референдум најавен од Владата за есенва, ќе осигура немање на цензус за истиот, со што иницијатива пропишана со т.н. Преспански договор ќе стане правно невалидна. Бојкот на референдумот е иницијатива која е започната од Организацијата пред неколку месеци и активно доби поддршка од илјадници приврзаници ширум земјата“, се вели во соопштението на „Млади за Македонија“

Тие велат дека во моментот, нивниот правен тим работи на прецизно формулирање на референдумското прашање кое би било насочено кон трајна заштита на уставното име на Македонија, македонскиот јазик и идентитет, во согласност со законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните објавен во Службен весник на Република Македонија бр. 81 од 27.09.2005 година.

Прашањето за референдумот организацијата има намера да го објави најдоцна во почетокот на август, а истиот најавуваат дека ќе биде спроведен ширум Македонија, но и во македонската дијаспора.

„За успешно свикување на Татковинскиот референдум ќе бидат потребни 150 000 (сто и педесет илјади) потписи на граѓаните на РМ, после што Владата ќе биде приморана да го распише овој референдум за заштита на Македонија“, велат од „Млади за Македонија“.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...