Референдум, па „лепенки“ потоа

Излезете, ако не друго, за да им умрат козите на политикантите, а не на комшиите. Затоа и толку чекавме на решавање на прашањето со името, оти на политикантите им беа важни сопствените„кози“ (по нивно: „Коза Ностра“), а не нашите.

2072

Референдумот го организираат и спроведуваат ангажирани експерти и специјално формирана комисија, со име ДИК, со помош од полиции, администрации, набљудувачи…

Не правете го дома сами!!!

Излезете на кутија, под полна грижа од експертите и направете го таму.

Тоа е пораката на разумот и нема врска со каскадери и илузионисти.

Излезете, ако не друго, за да им умрат козите на политикантите, а не на комшиите. Затоа и толку чекавме на решавање на прашањето со името, оти на политикантите им беа важни сопствените„кози“ (по нивно: „Коза Ностра“), а не нашите. За да накркаат милиони и милијарди „кози“ по тоа странските сметки, нас нѐ лажеа како овци.

Прво што треба да сѐ знае: „Европите“ немаат пиено мастило. Знаат тие со кого си имаат работа. Се заебаа со Румунија, Бугарија и Хрватска и грешката нема да ја повторат. И за нас е тоа добро, оти досега барем, од нашиве добро не видовме.

Референдумот ќе значи дека политикантите си ја пролија крвта. После успешниот референдум, имало – немало парламентарни избори, владата ќе мора да прави реформи, лево – десно, горе – долу, колку што може, колку што знае…. Европјаните, идното лето, ќе погледнат од направеното, ќе се напијат по два лексилиума, ќе се погледнат еден – со друг и ќе констатираат: „Леле, со кого сме фатиле работа… ама… имаше позитивен референдум, па имаме обврски кон граѓаните, кои им се посвесни од политикантите“.

Одма потоа, ќе замижат и така, ќе потпишат дека „Република Севернаја“ има одредени „позитивни поместувања“ во својата реформска агенда… Ние ќе се чудиме, оти на кожата ќе почувствуваме дека не е така. Торта од кал не се прави, нели?

Трето, но не и последно, тие ќе се истоварат на скопскиот аеродром, со големи количини експерти, кои ќе им ги прилепат на секој министер, важен директор, претседател на суд, раководител, регулатор… Како отвораме поглавје, така ќе чекаме нова „инвазија“ од Европата. Сите тие ќе имаат прецизна карта на мајмунлаци, кои можат од нас да очекуваат и инструкција: „Полека со овие, оти се малку оштетени“. Паролата, под која ќе пристигнат ќе биде: „Честит Илинден 2019 – та“.

Потоа? Потоа ќе си играме „лепенка“. Секој политикант со функција, во чиј ресор е отворено поглавје, ќе добие лепенка, но не за пушачи. Човечка лепенка – експерт, кому можеш да му избегаш само кога одиш во тоалет. И тогаш, тој наслушува дали мочаш во Ц – дур или во „Крајм – дур“. Ќе проба функционерот некаков дил, а лепенката реагира: „оти ова не оди со тендер?“ Ќе проба судијата „да земе“ некој предмет прекуред, а лепенката ангажира експерт – компјутерџија да види што е со тоа „акмисот“, да не се расипал „согласно закон“? Заседава тендерската комисија, кога таму – неканет гостин, фластер со преведувач, со многу, многу незгодни прашања: те, оти во тендерот барате вакви услови да исполнат компаниите, те… како знаете дека фирмата има доволен број камиони, те,… каде се пеналите за ненавремено извршена работа, те, оти на овој му плаќате одма, а другиот мора да чека една година на парите.. те, оти овој го има и во списокот на функционери и во списокот на апликанти…?

Лепенките ќе бидат во копачки. Над маса велат: „вие сте суверена држава, тоа е ваша работа“, а под маса маваат по цеваници. Над маса велат „ваша работа е ако сакате случувања народ“, а потоа, Мицкоски излегува од ЕУ центарот со истегнати и црвени уши, а Али со сменета фаца и изјава „нема да га пукам“. Како што ние работиме „под житото“ и никогаш врска немаме „кој ни срал вгаштите“, така и тие можат да не знаат од каде модриците по нозете.

Значи, не сами! Не дома! Дома можете да се сетите на сите говнарии, кои нашите политиканти ни ги зготвија сите овие години и ни ги сервираа како специјалитет.

Дома, пред да ја облечеме новата кошула за свадби, крштевки и за гласање, убаво би било да размислиме како ќе излеземе од смртната прегратка на нашите политичари, ако не нѐ „подземат“.

Додека одите „на кутија“, или додека ја миете шофершајбната на автомобилот, за да одите некаде и да го „прескокнете“ референдумот, замислете ги резултатите од неуспешниот референдум. Ова не е закана, рекоа од ЕУ! Ова е ветување! Ако државичка од 1,5 милиони луѓе може да претставува таква безбедносна закана… не е на арно. Не Косово, не Албанци, не востанија, не „надворешен фактор“. Единствениот „фактор“ за кој треба да сме загрижени е НАШИОТ ПОЛИТИЧКИ ФАКТОР И НАШИТЕ ИНСТИТУЦИИ.

Затоа, сеќавањето е добра методологија. Нека ве потсети иселеното чедо.

Младите се отселија оти видоа дека некогаш нема да „започне“. Еве, започна! Започна и не се доволни мајмунариите на властите, алчноста на поединци и бизнис – политички структури, не се доволни смешните пресови и написи, со кои, час напаѓаат без критериуми, час правдаат без основа. Започна и многу од тие засилени и забегани не се среќни. Знаат оти им се спремаат „лепенки“ и тоа не од УЈП, контрола – ама не владина, воведување стандарди, ама не „според дрн, дрн правилникот“, им се спремаат незгодни прашања и јасно адресирање „кој и како ја дупи топката“. Не демонстрации и солзи за „патриотите“, и не: „беше согласно закон“, не „тоа е класифицирана информација“, не „јас бев на патување и не знам што се случило“.

Верувајте, ако криминалниот колач стане помал, а „лепенките“ за тоа служат, никој нема толку многу да инвестира во власт и во политичка партија, во делење на народот и во омраза спрема „другиот“. Овој Илинден, да ни е честит и долговечен, да биде последен, во кој од Мечкин Камен и од Пелинце, ќе слушаме дијаметрално спротиставени честитања.

Значи, референдумското прашање, во својата најдлабока суштина, гласи:

Дали си учесник или „соучесник“?

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...