Државната изборна комисија денеска на првата конститутивна седница во нов состав го усвои Правилникот за подготовка, организирање и спроведување на претстојниот референдум закажан за 30 септември, кој заедно со Законот за референдум и Изборниот законик ќе претставува основа за работата на ДИК.
Имајќи предвид дека референдумот треба да се одржи за 60 дена сите рокови ќе бидат скратени за пет дена освен јавната пропаганда.
Референдумот ќе го спроведуваат ДИК, општинските изборни комисии, како и избирачките одбори формирани во 2017 година кои ќе бидат составени само од три члена односно во нив нема да има претставници на политичките партии.
Процесот на изјаснување на граѓаните ќе може да биде набљудуван од граѓански невладини организации. Право на изјаснување ќе имаат граѓани кои наполниле 18 години, кои се деловно способни, имаат живеалиште во Република Македонија и ги има во Избирачикот список.
Според членот на ДИК Јанакие Витановски, со Правилникот е предвидено на референдумот да имаат право на изјаснување и граѓаните кои ги има во Избирачкиот список, а не живеат во Република Македонија.
Правилникот предвидува и јавен увид во Избирачкиот список што ќе трае 15 дена.
Првичните резултати од референдумот треба да бидат објавени 24 часа по завршувањето на гласањето, а тој ќе се смета за успешен доколку на него излезат повеќе од половината од запишаните во Избирачкииот список.
Потпретседателката на ДИК Дитмира Шеху изрази несогласување со начинот на организирање на изборите односно изјаснувањето на дијаспората имајќи предвид колку средства се трошат од државата за оваа намена. Таа ги повика граѓаните кои сакат да се изјаснат на референдумот да дојдат во Македонија и да гласаат.
Елизабета Апостоловска, член на Комисијата, рече дека ДИК испратила писмо до МНР за да се утврди екипираноста во диппломатско-конзуларните претставништава и да се види дали може да се намалат трошоците за изјаснување на дијаспората за референдумот.