За Македонија се работи, не за партиите

И во 1991-та, а сега и многу повеќе, мора да се разбере дека не се работи за партии, политичари или други структури на моќта, туку за земјата во која живееме сите заедно, па нека сме и поделени, раскарани, озлобени, осиромашени, збунети, манипулирани..

1090

Кампањата на противниците на Спогодбата со Грција и интеграцијата на Македонија во ЕУ и НАТО го дава својот резултат. Мора да се признае, добро им оди. Имаат силен и добро платен арсенал од валкано пропагандно оружје со неизмерни количества омраза. Со тоа сеат страв и несигурност, а се трудат да подготват терен и за насилства и дестабилизација. Со добро разработени системи за суптилна и помалку суптилна манипулација продираат во сите заедници и групации.

Од петни жили се обидуваат да расколебаат и луѓе чии погледи се вперени во ЕУ. Тоа им поаѓа од рака со пораки од типот „Е, сега ја претераа“ или „Не оди вака, стварно е манипулативно прашањето“… Тоа се надоврзува на „вечниот“ наратив дека „сите се исти“, што е еквивалент на „Крив е Хитлер, но криви се и Евреите“. Серијата помали и поголеми скандали што ги предизвика самата Влада, само им помагаат, бидејќи сите коцки се измешани, а Референдумот се доведува во врска со етничките прашања, корупцијата, доброто (лошо) владеење… Што е сосема погрешно, ако само малку подобро се помисли.

Јавноста има право да знае! Има право да знае кој сѐ ровари низ нашата земја. Има право да знае дека една од најголемите политички партии, нивните русофилски десно-леви приврзоци и црквата (!) се дел од операција чии архитекти се школа на КГБ и работат за диктаторот од Кремлин. Јавноста има право да знае и што прават институциите да обезбедат процесите да се одвиваат без деструктивните влијанија и опструкции. Јавноста има право да знае како црквата, по Устав одвоена од државата, спроведува црна кампања. Има што да се истражува и анализира за тоа како работи софистицираната антизападна машинерија и со своите запчаници ги меле сите етнички заедници во земјата. Навидум антагонизирани, етничките заедници и дел од нивните лидери и креатори на јавното мислење, намерно или ненамерно, работат за иста мрачна цел.

Граѓанките и граѓаните имаат право да одлучуваат за својата и судбината на земјата во која живеат, ослободени од страв, притисоци, лажни вести и екстремизам. Државата има обврска да им обезбеди услови на сите подеднакво, без оглед на определбата, да го исполнат своето фундаментално право на глас. Ништо повеќе.

„Дали сте за суверена и независна држава Македонија, со право на влез во иден сојуз на суверени држави на Југославија?“ Тоа беше референдумското прашање со кое Македонија зачекори во својата независност на 8 септември 1991 година. „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција?“ е второто историско прашање на кое граѓанките и граѓаните ќе одговорат на 30 септември 2018 година. Никој не го спореше значењето на Референдумот за независност на Македонија во тоа време, без оглед на тоа дали прашањето беше манипулативно или не. Огромното мнозинство сакаа да живеат во независна држава. И одлучија.

Прашањето на претстојниот Референдум е дури и појасно од она во 1991 година. Се работи за аспирација на огромното мнозинство, било да се партии или политички неопределни граѓанки и граѓани. Безмалку сите партии во Македонија без колебање и во секое време се определуваат за ЕУ и НАТО. Гледано наназад, сите, без исклучок, ветиле референдум за тоа прашање. Што ли сакаат да постигнат сега? Веќе стана јасно. И без оглед на јавните настапи и поддршката што ВМРО-ДПМНЕ ќе ја даде во последен момент, штетата е непроценлива, а има шанси да биде и катастрофална.

И во 1991-та, а сега и многу повеќе, мора да се разбере дека не се работи за партии, политичари или други структури на моќта, туку за земјата во која живееме сите заедно, па нека сме и поделени, раскарани, озлобени, осиромашени, збунети, манипулирани…

Се работи за Македонија, а не за партиите, не за функционерите, не за политичарите и политикантите.

На крајот на краиштата, и националистите имаат повеќе од доволно причини да му посакаат успех на Референдумот, бидејќи се работи за доброто на државата за која тврдат дека ја бранат од едикојаси сила или заедница. Непознато е како и националистите не разбираат дека ова е напуштање на името ФИРОМ, а да не говориме за придобивките од интегративните процеси. Освен ако ова не им е политичка битка за власт. Но, овој пат си играат со судбината на земјата во која, по неуспехот да се издигнеме од калта, веќе нема да биде важно кој е на власт.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...