Републичкиот совет за безбедноста во сообраќајот на патиштата (РСБСП), како надлежна институција за безбедно, сигурно и совесно движење по домашните и меѓународните патишта, укажува на неколку исклучително важни елементи, значајни за безбедноста на другите учесници во сообраќајот, карактеристични за овој период од годината.
Летото е период кога интензитетот на сообраќајот и фреквенцијата на патиштата значително се зголемува. Паралелно со тоа, традиционално, секое лето се зголемува и бројот на градежни зони на патиштата во Република Македонија.
Пренасочувањето на сообраќајот и заобиколувањето на главните патни правци предизвикани од изградба или реконструкција на патиштата, можат да го загрозат безбедното одвивање на сообраќајот.
Исто така, во опасност може да биде доведен и животот на градежните работници, возачите, патниците, пешаците, велосипедистите, итн.
Според истражувањата на релевантни меѓународни организации, главните причини за предизвикување на сообраќајни незгоди со настрадани лица во градежните зони на патиштата се: брзо возење, несоодветно објавување на знаци од градежните работници, несоодветно поставени сообраќајни знаци, несоодветно осветлување на градежните зони и др.
Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата потенцира дека за да се обезбеди повисоко ниво на безбедност на сообраќајот во работните-градежни зони на патиштата, возачите треба да ги следат следниве совети:
– Пред секое патување на подолга дестинација задолжително информирајте се за состојбата на патиштата и за евентуалните прекини на сообраќајот и согласно тоа дефинирајте ја рутата по која ќе патувате. Доколку е можно избегнувајте ги патните делници каде што има градежни зафати и времен прекин на сообраќајот.
– Доколку патувате на пат кој е означен како работна зона намалете ја брзината, следете ја времено поставената сообраќајна сигнализација и предвидете дополнително време за патувањето.
– Бидете внимателни и секогаш подготвени „очекувајте го неочекуваното“. Возењето во градежни зони на отворени патишта носи зголемен ризик и потребна е поголема концентрација и фокусираност. Внимавајте на градежните работници, на градежните-работни машини и на работните материјали кои може да се најдат во близина на коловозната лента.
– Во услови на изведување на градежни активности на патот, се случуваат промени во режимот на сообраќај и многу често има затворање и спојување на сообраќајните ленти. Бидете внимателни и следете ги сообраќајните знаци и внимателно и навремено престројувајте се од една во друга сообраќајна лента. Возачите, за жал, многу често возат до последната секунда и до последниот метар во сообраќајни ленти кои се затвораат и тоа со поголема брзина и потоа се обидуваат веднаш и принудно да се вклучат во другата сообраќајна лента. Доколку другиот возач не им дозволи или не е во можност да им дозволи да преминат од една во друга сообраќајната лента доаѓа до сообраќајна незгода или пак влегување со возилото во градежната–работна зона и на тој начин се загрозува животот на градежните работници.
– Користете ги навремено трепкачите за покажување на правец на движење секогаш кога преминувате од една во друга сообраќајна лента, а посебно кога возите во градежна зона каде сообраќајот нема редовен тек и редовна и нормална фреквенција.
– Држете безбедно растојание помеѓу возилата и имајте на ум дека возачот пред вас би можел во секој момент нагло да го запре своето возило. Возете во колона, не престигнувајте не прописно, не возете слалом и не пристигнувајте колона од возила.
– Нестабилното време и честата појава на дожд и ветер дополнително го отежнува возењето во работните – градежни зони на патиштата поради појавата на прашина и намалена видливост, кал, нерамни коловозни површини па дури и посериозни оштетувања на алтернативните коловозни ленти како дупки, камења, итн.. Затоа, бидете максимално внимателни и намалете ја брзината.
– Бидете трпеливи. Иако градежните зони се обележани како области каде возачите мора да ја намалат брзината и да возат со голема претпазливост, многу возачи се брзаат, со цел да поминат низ градилиштето колку што е можно побрзо. Ваквиот пристап е сосема погрешен и ризичен.
– Секој совесен возач, кога ќе забележи работници облечени во портокалови елечиња на коловозот треба веднаш да ја намали брзината и да ја зголеми претпазливоста и внимателноста при возење.
Безбедното одвивање на сообраќајот во градежни зони на патиштата е одговорност на надлежните институции и приватните компании кои извршуваат градежни работи на пат, на градежните работници и секако на возачите.
Но, со подигнување на степенот на внимателност, совесност и почитување на сообраќајната култура на сите инволвирани страни на патот, можеме да бидеме сигурни дека сообраќајот во градежните зони ќе се одвива безбедно и сигурно по вашиот и животот на другите учесници во него.