Магистралниот гасовод низ Водно има регуларна градежна дозвола и за негова изградба државата има земено кредит и потпишано договори со изведувачи. Станува збор за проект среде имплементација и секоја промена ќе значи одолжување на градбата на гасоводот и дополнително сечење на шума за греење на граѓаните, оцени денеска вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев.
Одговарајќи на прашање на денешната прес-конференција во Владата, Анѓушев нагласи дека одложувањето на изградбата на гасоводот ќе значи граѓаните да немаат алтернатива и понатаму да се греат на дрва или со други ресурси за огрев што се еколошки понеповолни и предизвикуваат поголемо нарушување на животната средина.
– Мислам дека треба да донесеме разумно решение. Апсолутно ги поддржуваме невладините организации кои се загрижени за Водно и сме на иста страна со нив. Сметам дека и тие ќе го препознаат овој момент за да се изнајде решение за ова прашање кое заслужува внимание- рече Анѓушев.
Лично, посочи, заедно со претставниците на невладините организации бев на Водно за да се уверам каква е трасата на гасоводот и што може да се направи за да има помало нарушување.
– Се ангажирав заедно со раководството на МЕР трасата да биде максимално променета во насока да се минимизира нарушувањето на животната средина на Водно. Со таа акција за 50 од 60 проценти се намали сечењето на шумата на Водно. Ценам дека се направи максимален напор за да се намали било какво нарушување на животната средина, а при тоа Владата ќе земе обврска за секое исечено дрво да засади 10 и да ја анулира штетата на начин што ќе прогласи други заштитени подрачја во тој регион- потенцира Анѓушев.
Апсолутно сме посветени, додаде, на имплементацијата на проектот за изградбата на гасоводот состојбата по период од две-три години да биде подобра од таа што денеска ја имаме пред имплементацијата на гасоводот.