Заев ги повика сите на референдум, не верува дека ВМРО-ДПМНЕ ќе бојкотира (ВИДЕО)

Секој од нас е должен да ја преземе одговорноста на својата иднина а со тоа и за иднината на нашата земја. Вашиот глас е ваше право, не дозволувајте некој да ви го одземе и да го злоупотреби тоа ваше право, рече Заев.

679

Премиерот Зоран Заев денеска ги повика сите граѓани да гласаат слободно и со гордост на претстојниот референдум, да кажат „да“ за градење на вредностите кои ги нуди ЕУ, безбедноста која ја нуди НАТО, „да“ за признаен и потврден национален македонски идентитет, јазик и култура.

– Не размислувам за неуспешен референдум и за непостигнат цензус. Сите знаеме дека огромно мнозинство ќе бидат „за“. Убеден сум дека референдумот ќе биде целосно успешен и ќе ги постигне двата кумулативни аспектa – повеќе од 50 проценти излезност и истовремено огромно мнозинство да гласаат „за“ – рече Заев.

Тој верува дека ВМРО-ДПМНЕ нема да повика на бојкот. Дури и тајно да дадат задача за бојкот ќе знаеме сите, но не верувам дека ни тоа ќе се случи, додаде тој.

Вчера Собранието го утврди датумот за референдумот.

– Го имаме денот кој ќе ја означи пресвртницата во нашата историја. На нас граѓаните е да дадеме шанса, да донесеме голема одлука. Сега е време за одлука. Сетете се на референдумот од 1991 година. Голема одлука на голем државотворен народ кој се определи за својата иднина во независна држава. Тогаш покажавме дека сме народ кој учи од историјата. Секој од нас е должен да ја преземе одговорноста на својата иднина а со тоа и за иднината на нашата земја. Вашиот глас е ваше право, не дозволувајте некој да ви го одземе и да го злоупотреби тоа ваше право. Ве повикувам да покажеме дека никој не може да ве поколеба да излезете и да изберете – рече Заев.

Тој нагласи дека се обврзува дека ќе го почитува исходот од резултатот.

– Уверен сум дека татковината ќе ја биде, дека ќе стане членка на ЕУ и НАТО, а Македонија вечно ја биде и ќе зборува на македонски јазик. Бидете и вие креатори на таа вечност. Нема да дозволиме Македонија некој и натаму да ја држи во заложништво. Сегашната опозиција имаше 10 години да направи договор, но поважно им беше да нѐ држат во изолација и да се занимаваат со стиротпор, тајно преговоараа додека Македонија ја држеа во заложништво. Нема да донесат подобар договор оние кои на Макеоднија ѝ носеа од лошо полошо. Со години бараа референдум и сега кога треба да се чуе гласот и волјата на граѓаните истите тие срамно го напуштија парламентот и избегаа од одговорност. Ова е време за клучни историски одлуки за нашата земја, а не време за бегство. Им се обраќам на сите чесни членови на опозицијата – вам вратата ви е отворена. Лично јас направив чекор, имате и вие обврска да направите чекор. Направете го вистинскиот чекор. Сега е време за храбри чекори и за патриотски одлуки – порача Заев.

Тој нагласи дека од денеска тргнуваат силно и никој нема да ги сопре. Наместо мрак, ве повикувам да изберете светлина и иднина. Референдумот е точката во која ќе се спојат иднината на нашата Македонија и на нашата Европа, додаде Заев.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...