Парите кои ќе бидат издвоени за организирање на референдумот битно нема да го променат износот на пари од буџетот наменети за капитални инвестиции кои во наредниот период ќе се реализираат со побрзо темпо од првите шест месеци, тврди вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев.
– Вчера слушнавме дека сумата која е потребна за организирање на референдумот е 3,5 милиони евра. Тоа е е под 1 отсто од вкупните 400 милиони евра кои се издвојуваат од буџетот за реализација на капитални инвестиции и таа сума нема битно да влијае на реализацијата на капиталните инвестиции рече Анѓушев.
Тој додаде дека референдумот се реализира земјава да се приклучи кон НАТО и ЕУ што ќе има позитивно влијание на економијата.
– Економски раст на државата и позитивниот референдум треба да прикажат подобра слика за државата која сака да биде дел од развиениот свет. Тоа ќе има позитивно влијание на стипанството, а крајниот ефект ќе биде видлив за граѓаните – рече Анѓушев.
Вицепремиерот смета дека до крајот на годината реализацијата на капиталните инвестиции ќе биде според планираното бидејќи најголемиот дел од техничките недоследности на големите инфраструктурни проекти се отстранети.
– За поголема динамика е потребно проектите да се доведат во нормално техничко ниво за да не се трошат залудно парите на граѓаните. Со тоа нема да има има анекси и непотребно поскапување и трошење на парите. Се додека нема проеки кои ќе бидат издржани и ќе бидат спроведени нема да се реализираат. Но уверувам дека имаме прецизна динамика која ќе се реализира до крајот на годината – рече Анѓушев.
Тој додаде дека кај јавните претпријатија капиталните инвестиции се реализираат со побрзо темпо.