Тикет 20 денари и кафе 30 денари – овде има бизнис за „колење“?!

Спортските обложувалници, на кои државата сака да им наметне нови правила и од нив да земе големи пари, се места за мали уплати, најчесто за мали добивки и за многу спортско и маалско дружење – нашата обиколка јасно покажува дека од мува лој, сепак, не се вади.

4275

Двајца пензионери на возраст од околу 70 години, едниот со весник в рака, а другиот со пенкало во десната и филџан со кафе во левата, денеска околу пладне чекаа да дојде време за ручек, за да си заминат дома. Седеа во една спортска обложувалница во Кисела Вода. Кога решивме да им се придружиме, на нивната маса имаше уште неколку празни филџани со траги од кафе и слободни столчиња.

Другари се со децении, ни раскажаа, а на слободните места на нивната маса седеле уште неколку нивни стари познаници, што си заминале пред нашето доаѓање.

– Пензионери сме, немаме што да правиме. На студов не може да се шета нон-стоп. Речиси секој ден доаѓаме тука, пријатно е, може да се напиеме кафе, да се видиме со многу луѓе, доаѓаат и млади и стари, како што можете и самите да видите. Понекогаш и ќе уплатиме некое ливче на 30-40 денари. Ги следиме натпреварите, се дружиме – ни раскажа едниот од нив, додека другиот го виткаше весникот на половина.

Секое утро прво ќе купиме весник, додава пријателот, па ќе дојдаме тука да прочитаме што се случува во државата и да се видиме со другарите и луѓето од маало.

– Барем во мој случај, бројот на „утнати“ ливчиња е поголем од добитните, но тоа не е најважно. И јас уплаќам во просек по 40 денари, а тоа е незначително кога на другата страна на кантарот се стават дружењето, муабетите, новостите од маалото – ни објасни тој.

Поевтино кафе и поевтина забава – нема

Двајцата пензионери беа нашите први соговорници во обиколката што денеска ја направивме во „дувлата на комарот“, како што често некои сакаат да ги опишаат спортските обложувалници, во пресрет на најавените нови измени во Законот за игри на среќа и за забавни игри, кои ќе ги осакатат и оболжувалниците, но и буџетот. Но, очигледно е дека некој во власта помислил дека во овие објекти лежи голема пара што треба да се зграби, за да се зајакне буџетот.

Но, не треба човек да биде ни експерт за обложување, а ниту експерт за финансии, за да види дека реалната слика покажува нешто сосема друго. Знаете како вели народот, големата пара и големите профити, ако ги има, не можат да се скријат, тие некаде ќе избијат. А што е уште поважно, народот не може да се лаже, барем не долго.

И? Каква е реалната слика во обложувалниците?

Масовност, разни профили на луѓе, од таксисти и дистрибутери до инженери и политичари, дружење, навивање, оговарање комшии, накусо живот – ама не од овој богатиот што никако да дојде. Тоа се дел од впечатоците што ги добивме при обиколката. Експертиза за спортот, пред сѐ за фудбалот, е она што може да се слушне од секое помало или поголемо друштво седнато во обложувалниците.

Меѓу нив ги има секакви: аналитичари и прогнозери од кои другите бараат совет како да типуваат; сезнајковци кои предвидуваат дали Барселона ќе има аир од трансферот на Гризман во своите редови; деталисти кои се загрижени за повреден играч или за тоа какво ќе биде времето на натпреварот… Има и такви кои го прошириле своето „познавање“ на географијата. Благодарение на националните првенства, научиле кое место и град во Баварија, Каталонија или Северна Норвешка, каде точно се наоѓа. Ако на еден пасиониран обложувач му организирате натпревар во спортска и познавање на фудбалските лиги – од прва до петта, како и за местата од каде доаѓаат клубовите, тој би бил шампион.

Во обложувалници доаѓаат и мажи и жени, од 20 до 70 години. Заедно пијат кафе, разменуваат мислења и прогнози. Така беше и денеска. На соседната маса до нашите први соговорници, пензионерите, седеа двајца студенти.

– Типуваме три-четири пати во неделата, но доаѓаме често. Повеќе доаѓаме тука за да пиеме кафе отколку да „играме“ некој натпревар, зашто поевтино место за кафе во Скопје не ни можеме да најдеме. Во собата во студентскиот дом немаме телевизор, па најчесто тука доаѓаме да гледаме важни натпревари, како што се оние од Лигата на шампиони – вели еден од студентите.

Токму вечерите кога се игра меч од Лигата на шампионите и за време на викенд, во обложувалниците е најфреквентно, велат вработените. Се бара место повеќе, се организираат друштва за да гледаат натпревар, а бидејќи обложувалниците се видно означени објекти (отворени само за полнолетните граѓани), тие претставуваат еден вид пандан на фамозните англиски пабови, во кои се собираат навивачки групи да го поддржат својот тим со тикет и со пиво во рака.

Муабети, оговарања, мераци…

Најинтересните места што ги посетивме денеска се обложувалниците во скопски Чаир, на стадионот на Слога Југомагнат. Македонци, Албанци, Турци, Бошњаци… Имаше луѓе од разни националности и различни вери. Секој со секого се поздравуваше и повеќето од нив си нарачуваа топол турски чај. Некој беа задлабочени во билтените, но другите, пак, расположени за муабети. Политиката и политичките партии се тема на која ретко може да се слушне некое дофрлање. Се разговара и се полемизира главно за спортот.

Дека во обложувалница се запознаваат секој со секого од истата населба, имавме можност да посведочиме и самите, во сите објекти кои ги посетивме. Како што на шега велат вработените, ако во Аеродром или во Лисиче некој си заборави горна тренерка, знаат чија е.

– Не го јади, наш човек е тој, ги знаеш сите тука – му зборуваше еден повозрасен скопјанец на неговото куче, кога влезе на една од терасите во обложувалница да одмори од прошетката со миленичето.

Неколку маси подалеку од него, пак, седеа двајца комшии, кои оговараа трет комшија – едниот го прашуваше другиот дали ја видел новата кола на комшијата. Имаше и такви кои се разубедуваа дали да одат во кафана или не.

– Што ќе одиш, ќе потрошиш 300-400 денари, кога си пиел ракија ти? Седи тука, испиј едно пиво и уплати некое ливче, па може и ќе фатиш нешто – си препорачуваа еден на друг.

Тикет од 20 денари и кафе од 30 денари – тоа е простата математика што ја прават посетителите на обложувалниците. Тоа е цената на маалските дружби и муабети. Не, секој може да види дека овие топли места сепак не се „комарџиски дувла“, туку прибежишта за обичните луѓе, каде што ги споделуваат и „лечат“ секојдневните грижи и проблеми, места каде што се „тепа“ времето додека децата и внуците им се на школо, објекти во кои никој не го менува каналот за да види што се случува во најновата епизода од некоја турска серија.

КАДЕ ЗАКОНСКИ СПАЃААТ ОБЛОЖУВАЛНИЦИТЕ?

Со актуелниот Закон за игри на среќа и забавни игри во Македонија, е направена јасна поделба на овие дејности и на фирмите кои се занимаваат со овој бизнис. Постојат четири категории: во првата спаѓаат приредувачи на општи игри на среќа. Таква е Државната лотарија на Македонија (ДЛМ) која е целосна сопственост на државата и го држи монополот во овој сегмент. Во втората група се приредувачи на електронски игри на среќа – овој бизнис е во рацете на ДЛМ и на Државната видео лотарија на Македонија (ДВЛМ). ДВЛМ, пак, 51 отсто е во сопственост на ДЛМ односно државата, а 49 отсто содружник е приватната компанија КАЗИНОС АУСТРИЈА ДОО Скопје. Третата категорија се приредувачите на игри на среќа преку интернет, каде монополот го има ДВЛМ преку ДЛМ. Конечно, во последната четврта се приредувачите на игри на среќа. Во оваа област работат приватни компании кои добиваат лиценци. Лиценците се поделени во три групи: за посебни игри на среќа во казино, во автомат клуб и во обложувалница. Нејасно е зошто законописецот ги фатил „под нож“ само спортските обложувалници.

НАД 95 ОТСТО ОД ИСПЛАТИТЕ СЕ ЗА МАЛИ ДОБИВКИ

Граѓаните кои се обложуваат најчесто имаат мали добивки и овие игри на среќа во„светот на коцката“ важат за едни од најбезбедните, бидејќи, како што докажуваат и истражувањата, не предизвикуваат зависност кај играчите. Статистиките за исплатите кои ги прават обложувалниците, како што велат луѓето од овој бизнис, говорат дека најчесто – во дури 95 отсто од случаите – станува збор за мали исплати.

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...