Тунтев го испофали Договорот со Грција, ама не кажа ни збор за мааните на предлогот за референдумот

605

Томислав Тунтев, пратеник и координатор на СДСМ денеска во Собраниети порача дека со Договорот со Грција кој е влог во иднината на Македонија не е загрозен македонскиот идентитет и македонскиот јазик. Тој повика да се поддржи предог одлуката за распишувањето на референдумот која е на дневен ред на денешната седница, но за тоа не кажа ни збор повеќе што му беше забележано од опозицијата.

-Македонија ќе биде рамо до рамоа со 30 – те земји членки на НАТО – истакна Тунтев, образложувајќи што ќе значи за Македонија влегувањето во ЕУ и НАТО.

-На Договорот со Република Грција мора да се гледа како на договор за македонската иднина. Никогаш никој не ќе потпишеше договор со Република Грција доколку тоа не беше услов Република Македонија да стане рамноправна членка на НАТО Алијансата и на ЕУ- рече Тунтев.

Тој вели дека со договорот се заштитени македонскиот идентитет и историското и културно наследство, се дефинира дека официјален јазик на државата е македонскиот јазик, а државјанството – македонско, како и дека не се менуваат химната, грбот и знамето како државни симболи.

– МК и мкд остануваат меѓународно прифатени и препознатливи кодови. Со исполувањето на договорот ќе престане да важи референцата ФИРОМ и ПЈРМ и нашата земја ќе биде заведена во ОН под името Република Северна Македонија преведено на сите јазици – рече Тунтев.

Тунтев, не образложи ниту зошто треба да биде референдумот консултативен, ниту пак зборуваше за отворените прашања околу референдумското прашање.

Иницијативата за распишување референдум беше поднесена денеска од пратениците од СДСМ, ДУИ и Беса, додека пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и Алијансата на Албанците не ја потпишаа.

Во Предлог-одлуката е предложено референдумот да се одржи на 30 септември, тој да биде консултативен, а референдумското прашање гласи: Дали сте за членство во ЕУ и НАТО преку поддршка на Договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција?.

На седницата присуствуваат и пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, кои ќе образложат зошто се против вакво референдумско прашање. Предлог одлуката за распишување на референдумот е поднесена од 69 пратеници.

На седницата на дневен ред е и одлука за распределување средства за референдумот, како и Предлог законот за изменување и дополнување на Царинскиот закон, по скратена постапка.

За дневниот ред гласаа 65 пратеници, вклучувајќи и од ВМРО-ДПМНЕ.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...