Програмата на „10 дена Крушевска Република“

438

Со подигнување на знамето на Крушевската Република и со традиционалните свечености на Гумење во Крушево, в среда вечер, на први август по 51-ви пат ќе бидат отворени Културно-научните средби „10 дена Крушевска Република“, беше соопштено на денешната прес-конференција во Крушево.

Манифестацијата годинава е во знакот на 115-годишнината од Илинденското востание и 40-годишнината од традиционалниот марш на коњаницата.

Според градоначалникот на Крушево, Томе Христоски, оваа значајна манифестација и годинава ќе ги понуди традиционалните содржини, но и бројни културно-едукативни и забавни настани.

– Оваа година очекуваме зголемување на бројот на туристите кои ќе го посетат Крушево во рамките на Манифестацијата „Десет дена Крушевска Република“ и можеме да ветиме добра забава, многу едукативни настани и разноликост во она што заедно со советот на „Десет дена Крушевска Република“ го подготвивме – рече Христоски.

Свеченото отворање на манифестацијата е на први август од 20.30 часот на Гумење кога ќе бидат доделени плакети на заслужни за развојот и одржувањето на Културно-научните средби „10 дена Крушевска Република“, и тоа на: „Илинденски марш“ и постхумно, на Христо Христоски Мулар.

Претходно, на први август, делегации ќе ја посетат Спомен-куќата на Смилевскиот Конгрес и ќе положат свежи цвеќиња цвеќе пред споменикот на Дамјан Груев. Во Крушево ќе се одржи изложба со традиционални влашки носии, што ја подготви м-р Ванѓа Димитријева-Кузманоска, од Унирвезитетot „Гоце Делчев” од Штип. По 18 часот на први август е пречекот на коњаниците пред столбот на Крушевската Република, а потоа коњаницата ќе се движи кон Гумење.

Делегации ќе положат свежи цвеќиња пред бистата на Веле Марков, на гробот на Питу Гулина гробот на Тоше Проескипред Споменикот на партизанските гробишта и во средината во криптата на илинденските востаници. Отворањето на Манифестацијата на 1 август ќе заврши со импровизираниот напад на Крушево и со богат огномет.

На 2 август, на Илинден, на Мечкин Камен ќе се обрати претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов и, како дел од манфиестацијата, ќе настапат неколку културно-уметнички друштва.

Манифестацијата „10 дена Крушевска Република“ ќе понуди богати содржини до 10 август, меѓу кои: одбележување на влашката култура, манифестација посветена на унгарската култура, театарски претстави, концерти, ридско-брзински автомобилски трки, изложби.

Крушевскиот градоначалник Христоски ги покани граѓаните од целата земја и туростите да бидат дел од 10-дневната традиционална манифестација во Крушево, особено на 2 Август на големата прослава на Илинденското востание и Крушевската Република.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...