ВМРО-ДПМНЕ денеска го обвини парламентарното мнозинство за самоволие во врска со, како што рече, генералниот секретар на партијата, Игор Јанушев, најважното прашање за државата, референдумот за договорот со Грција.
ВМРО-ДПМНЕ побара итно да се откаже парламентарното мнозинство од насилничко однесување.
– Свесни дека договорот е штетен за државата и граѓаните и свесни дека е спротивно на волјата на граѓаните на Република Македонија тие се обидуваат со сила, без прифаќање на аргументите на опозицијата да протуркаат прашање кое е бесмислено и повеќезначно – рече Јанушев.
Според ВМРО-ДПМНЕ, тука се прават две крупни повреди.
– Има брутално газење на воспоставената демократска практика било кое референдумско прашање и неговото формулирање да биде донесено по пат на заеднички конзензус со релевантите политички субјекти. ВМРО-ДПМНЕ во тој процес не ја прифати улогата да биде алиби на власта и единствено за декор, туку со аргументи дебатиравме дека прашањето мора да биде еднозначно. Напуштањето на оваа пракса значи продолжување на самоволието на власта, непочитување на волјата на граѓаните и уште еден силен удар на демократијата од оваа недемократска влада. Втората повреда е и законска. Согласно член 15 од Законот за референдум цитирам: „Прашањето на гласачкото ливче мора да биде прецизно формулирано и недвосмислено, така што граѓанинот на референдум да може да одговори со „ЗА“ или „ПРОТИВ“. Прашања кои се поврзуваат со други теми се двосмислени и може да доведат до забуна. Потребно е референдумското прашање да биде сосема јасно и прецизно и единствено поврзано со договорот – рече тој.
Прашањето кое се предлага од власта „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО поддржувајќи го договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција“, смета ВМРО-ДПМНЕ, е во целосна спротивност со законот, е двосмислено и повеќезначно, и манипулативно.
– Ова е најдобриот доказ дека власта е исплашена бидејќи договорот не поминува кај народот. Народот е против и целиот договор и капитулацијата која ја постигна Заев е едно, а прашањето за членство во НАТО и ЕУ сосема друго. СДСМ сака да ја изигра волјата на народот. И преку кршење на закони, сака на сила да протне договор кој е капитулација, нечесно поврзувајќи го со членството во НАТО и ЕУ што пак е заедничка цел на сите – додава Јанушев.