Амбасадорката на Јапонија во земјава, Кеико Ханеда на средбата денеска со премиерот Зоран Заев му честиташе за постигнатиот договор со Грција, посочувајќи дека по неговото потпишување чувството на меѓународната заедница е дека двете земји се големи пријатели.
Како што соопшти владината прес-служба, истакнувајќи дека Јапонија секогаш била голем пријател на Македонија, премиерот Заев посочи дека особено ја цени поддршката што оваа земја во континуитет ѝ ја пружа на Република Македонија.
– Имавме храброст со Грција да најдеме решение и да ја отвориме иднината, пред сѐ, за младите генерации кои доаѓаат. Со тоа и на светот му покажавме дека Македонија има демократски капацитет и волја за решавање на проблемите. Претстојниот референдум впрочем е највисокото ниво на демократија. Граѓаните се исправени пред тешка одлука, но верувам дека ќе ја донесат вистинската одлука за својата и за иднината на своите поколенија – потенцираше премиерот Заев.
Амбасадорката Ханеда, од своја страна, се наведува, нагласи дека Јапонија и натаму ќе ја поддржува Македонија во евроатлантските аспирации и ќе продолжи да го помага развојот на земјата во разни области.
Денешната средба премиерот Заев ја искористи на амбасадорката Ханеда да ѝ изрази сочувство за бројните жртви во неодамнешните поплави кои ја зафатија Јапонија. Потенцирајќи дека пријателството меѓу двете земји е зацврстено одамна, премиерот Заев истакна дека по примерот на Јапонија, Македонија ќе ѝ помага на земјата секогаш кога ќе има потреба за тоа.
Амбасадорката,пак, се заблагодари за помошта што Владата на РМ ја оддели за штетите од поплавите во Јапонија и подвлече дека Владата на Јапонија и јапонскиот народ високо го ценат овој гест на поддршка и солидарност, се наведува во соопштението.