Референдум – демократија на жабри

896

Македонскиот референдум што се подгтвува за наесен, и покрај сите контроверзи и нелогичности што го следат, пред сè поради заканите на опозицијата со откажување на поддршката и бојкот, во основа е сепак изјаснување, што, освен околу договорот за новото име, не може да се гледа одвоено од процесот на деблокирање на евроатлантските интеграции. Можното членство во НАТО и ЕУ, а не само новото име на државата, е водилка што може да му даде смисла на какво било референдумско прашање околу кое треба да се градат ставовите во најшироката јавност.

Во последните децении во Европа зачестија референдумските изјаснувања, кои, кога станува збор за национлното, односно државно ниво, најчесто имаат некаква врска токму со ЕУ. Станува збор главно за референдуми за членство во ЕУ, околу различни ЕУ-сподгодби и трговски договори. Од 1972 година се одржани 56 референдуми во Европа, од кои 39 резултирале со позитивен исход. Најмногу референдуми се одржани во Ирска и Данска, чии устави бараат референдумско изјаснување кога национални ингеренции треба да се пренесат на меѓународни организации.

Последниот досегашен референдум поврзан со ЕУ се одржа во октомври 2016 година во Унгарија, во врска со предлогот на Европската комисија за прераспределба на азилнатите меѓу земјите-членки. Но унгарскиот референдум не го помина цензусот од 50 проценти излезност, што беше неопходен за резултатот да биде полноважен. Но тоа не го спречи премиерот Орбан да изјави дека, сепак, “е постигант одличен резултат“.

Една функционална демократија, како што неретко се вели, се засновува врз претпоставката дека избирачите, народот, не се залагаат само за своите лични интереси, туку дека мислат и за доброто на општеството и за неговиот развој во целина. Проблемот се јавува кога мнозинството од населението не наоѓа мотив и поттик да се ангажира во политиката, или е под влијание на барањата на силни интересни групи што добиваат голем простор да ги наметнуваат и реализираат своите идеи.

Затоа се смета дека репрезентативната демократија, како верзија на непосредното одлучување во однос директната демократија, претставува логично решение што овозможува сите да го добијат своето место. Репрезентативната демократија опфаќа институции, кои, барем теоретски, овозможуваат да се дискутираат и обработуваат комплексни прашања во соодветен временски период.

Демократијата, значи, накусо речено, е процес. За разлика од референдумот, која како облик на непосредно одлучување ја изразува сликата на актуелниот миг, при што состојбата на јавното мислење што се регистрира во одреден момент ретко изразува расположение од потраен карактер. Мнозинството Унгарци можеби не го делат мислењето на нивниот премиер околу опасноста од напливот на мигранти и бегалци.

Дилемите се многузначни. Може ли да му се верував на еден референдум доколку едната страна што учествува во гласањето е подоминантна? Можно е, на пример, дека многумина Каталонци, кои сакаат да бидат дел од Шпанија, лани не учествувале во контроверзниот референдум за самостојност. Со слична аргументација многумина се осврнуваат и на последиците од Брегзит, така што заговорниците на ново референдумско изјаснување сметаат дека младите, што не гласале во 2016 година, и покрај сите досегашни околности би се заложиле Велика Британија да остане во ЕУ.

Инсистирањето народот да го каже своето мислење често дава повод за интензивни и жестоки дискусии. Искуствата зборуваат дека референдумите од повеќе аспекти се доживуваат како попривлечни за гласање во споредба со параламентарните избори, пред се поради фактот дека многумина имаат заземено цврст став и гледиште токму околу тоа прашање што е предмет на плебисцитарното изјаснување. Но силно изразените и врз емоции базирани гледишта и ставови се и лошата страна на референдумите, а со што, всушност, и се објаснува зошто на таков начин ретко се успешно решаваат некои важни општествени прашања.

Во еден референдум народот се повикува во одреден миг да истапи на општествената сцена и да ја донесе својата одлука со едно кусо – да или не, – за потоа да отстапи од истата сцена без да остави некого зад себе, најмалку некого што може да биде повикан на одговорност. Во најлош случај, врската меѓу одлуката и одговорноста во референдумот е – укината. Тоа станува нарочно јасно кога народот донесува “погрешна“ одлука, што ќе рече поинаква одлука отколку што политичарите се надевале, и со која сметале, и околу која, се разбира, потоа не сакаат, или, пак, не можат да преземат одговорност.

Во поширока смисла, мислењата се подлелени околу тврдењата дека референдумите претставуваат највисок облик на демократија. Според некои критичари, референдумите се, всушност, “удар во стомакот на демократијата“. А претпоставениот удар, доколку се случи, е насочен пред сè кон она што се нарекува репрезентативна демократија, како единствен облик на демократија што е во состојба да ги обедина власта (моќта) и одговорноста. Значи, демократија која не подразбира само донесување на демократска одлука, туку во еднаков обем и повикување на демократска одговорност.

Вештачко “институционално“ дишење понекогаш не помага на вистински начин, доколку процесот околу самото референдумско изјаснување не биде изведен на кредибилен начин. Дишењето на жабри не може да биде доволно доколку народот со неговите реални или нереални очекувања, без оглед на силата на емотивните изливи, биде оставен како – риба на суво.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...