Отворени писма до Мицкоски и Заев

3780

До г-дин Христијан Мицкоски

Г-дин Мицкоски, пред лично да Ви се обратам, ќе Ве замолам да го прочитате писмото упатено до Вас од Вашиот сопартиец Пешевски. Покрај писмото на Пешевски кое можеби сте го заборавиле или не сте го прочитале, моето писмо до Вас се однесува на актуелните проблеми со кои се среќава Македонија во смисла на евро атлантските интеграции. Знам дека писмото на Пешевски не  го прифативте и како лидер на партијата ДПМНЕ целосно ги спроведувате погубните политики на Вашиот ментор Груевски,  а исто знам дека и моето писмо или писма од секој граѓанин на Република Македонија нема да помогнат  Вие да го изменете Вашето мислење и став за било што, посебно за актуелното прашање за претстојниот референдум за Договорот со Грција.

Се согласувам со Вас дека можете да имате свое мислење за секое прашање, па и за Договорот за името со Грција кој за Вас е капитулантски и штетен за Македонија. Да имате сопственоно мислење спротивно на моето и на други,   потполно се согласувам со Вас. Се согласувам со Вас исто да ги повикате Вашите членови и симпатизери на ДПМНЕ да гласат против прифаќање на Договорот за името со Грција кој според Вашето мислење е штетен, дека се губи идентитетот, јазикот, културата, со еден збор Македонија нема да постои доколку се прифати Договорот.  Тоа е Ваше мислење, Ваше право и на тоа не се противам.  Во една демократска држава, каква што сакаме да бидеме, секој има право на сопствено мислење што воопшто не е спорно.

Знаете, Мицкоски што е спорно и во што не се согласувам со Вас? Ќе Ви кажам. Вие и Вашата партија ДПМНЕ на лидерската средба на 23 јули добивте се’ што баравте, Законот за финансирање на политичките партии бидејќи партијата Ви остана без пари; го добивте законот за Влада со кој ќе се формира техничка влада на парламентарни избори по пржинскиот концепт бидејќи се надевате дека на тој начин ќе ги добиете изборите и партијата ДПМНЕ ќе формира идна влада (мало морген!) и ДИК да се формира по старо решение со Ваш човек на чело на оваа Комисија која треба да го спроведе референдумот за Договорот со Грција. Добивте се’ на тацна! Сите овие закони поминаа во парламентот, се формира ДИК со Ваш претседател, Вие г-дине Мицкоски и Вашата партија доби тоа што го баравте и што сакате уште! А амнестијата ја заборавив, па откако Заев јасно Ви стави до знаење дека амнестијата е црвената линија преку која нема да се допушти, Вие сами се откажавте од амнестијата (секако со болно срце!).

После сето ова, сега Вие Мицкоски сте на потег! Јавноста очекува Вие г-дине Мицкоски, Вашата партија ДПМНЕ, опозицијата да го подржи референдумот за договорот за името со Грција. Ова значи г-дин Мицкоски јавно да го повикате Вашето членство и симпатизери да излезат на референдумот и да гласаат, макар и против договорот со Грција. Ова е фер плеј игра и  Вие треба да останете на зборот, кога веќе сте добиле три значајни прашања во  преговорите со Заев редно и Вие нешто да дадете од Ваша страна. Соберете храброст и направете го тоа, поддржете го референдумот, јавноста тоа го очекува од Вас и ќе Ви биде благодарна. Во спротивно Вие Мицкоски ќе останете запаметени како човек кој преговарал на нечесен начин, непринципиелен и дека сте човек неодговорен и  без достоинство, на кои карактерни особини доста полагате дека ги имате! Овој пат докажете дека сте таков човек!

И уште нешто. Доколку Вие ги повикате Вашите членови и симпатизери да излезат на референдумот  и гласат против Договорот со Грција, или гласат по нивно убедување, во таков случај повеќе од сигурно е дека ќе се задоволи цензусот на излезност па таквиот референдум ќе биде валиден и прифатлив за сите партии, независно дали 50% плус еден глас гласале ЗА или ПРОТИВ Договорот за името со Грција. Но доколку Вие ги повикате Вашите членови и симпатизери да не излезат на референдум, односно го бојкотирате референдумот, во таков случај најверојатно цензусот нема да се задоволи па референдумот нема да успее, но таквиот референдум не треба да биде признат за валиден и резултатот не треба да биде обврзувачки. Всушност во вториот случај со бојкотот на опозицијата, целата одговорност за последиците ќе падне на Вас г-дине Мицкоски, затоа што сте го спречиле народот, оној де „вашиот„ и туѓиот„, да се изјасни демократски по прашањето на референдумот.

Дали размислувате за последиците по Македонија и народот доколку референдумот не успее поради бојкот на опозицијата? Вие сте професор на факултет па можете да оцените што ќе се случи! За секој разумен човек јасно е дека ќе се доведе во прашање безбедноста и опстанокот на Македонија како држава без НАТО и народот заедно со „вашиот народ„ ќе остане во една вечна сиромаштија и беда благодарение лично на Вас г-дине Мицкоски. Зарем нема да имате грижа на совеста за она што сте го направиле на Македонија и народот што живее во Македонија? Доколку имате совест сигурно дека ќе имате грижа на совест, во спротивно, доколку сте човек без совест треба да се применат други методи спрема Вас како човек!

И на крајот да Ве потсетам г-дине Мицкоски, доколку не го промените Вашиот став и го бојкотирате референдумот, во таков случај ќе се случат две лоши работи лично против Вас. Првата работа, е што ќе го изгубите кредибилитетот кај меѓународната заедница, што и онака не е голем, па  треба да Ви биде јасно дека Вие никогаш нема да бидете премиер на државата и Вашата политичка кариера ќе заврши, онака робусно како што почна! Другата работа, е што Вашето дело може да се квалификува како велепредавство против  државата и народот што претставува тешко кривично дело и за тоа ќе одговарате. И уште нешто, што мислете ако ова се случи, дали Вашиот ментор  Никола Груевски, за кој ги правете сите овие глупости,  ќе се загрижи за Вас? Никако, дури ќе биде бескрајно среќен да Ве види онака уништен човек а можеби и во затвор!

До г-дин Зоран Заев,

Вие г-дине Заев на лидерската средба од 23 јули ги задоволивте сите барања на Мицкоски и опозицијата, овен амнестијата. Всушност Вие се’ му дадовте што бараше, а за возврат ништо не добивте! Ретко кој може да биде толку великодушен како Вас? Тоа што го баравте од Мицкоски, да излезе јавно и на своите симпатизери и поддржувачи да им каже да излезат на референдумот и да гласат, макар и против договорот до Грција, не го добивте. Малку баравте но и тоа не го добивте! Дури сега тој и уценува со формулацијата на прашањето, што спрема него треба да се однесува само за Договорот без споменување на членство во НАТО и ЕУ.

Вашата постапка не ја осудуваме како погрешна,  но Ве научи да бидете претпазливи спрема таков преговарач кој служејќи се со селски итроштини „сув преку вода сака да Ве пренесе„! Сигурно знаете дека Мицкоски лаже и тоа да го имате во предвид.

Сега околу референдумот. Повеќе изгледи има Мицкоски и опозицијата да го бојкотираат референдумот и поради цензусот тој да не успее, во таков случај референдумот не смее да биде обврзувачки  туку консултативен. Но доколку и при понизок цензус на излезност под 50% од вкупниот број на гласачи,  преку половина плус еден глас од бројот на излезени гласачи гласале ЗА или против Договорот, во таков случај Собранието со двотретинско мнозинство (81 пратеник) треба да одлучи  за промени на Уставот. Обратно, доколку опозицијата и Мицкоски „се смилуваат„ и го повикаат нивното членство и поддржувачи да гласат на референдумот, независно од тоа дали да гласат против или по слободен избор, што помалку е веројатно, тогаш референдумот треба да биде обврзувачки за сите.

Всушност напред изнесеното се сведува на следното, прво, референдумот кој нема да биде бојкотиран од  опозицијата да  има да правни последици за Собранието со тоа што ако е позитивен да се направат измени на Уставот со двотретинско мнозинство заедно со опозицијата, а ако е негативен Договорот со Грција нема да се реализира и ќе се третира како и да не е потпишан; второ, доколку опозицијата го бојкотира референдумот Собранието треба да постапи така како што ќе успее во таа ситуација, во зависност од тоа дали ќе обезбеди двотретинско мнозинство или не.

Во секој случај, и во едниот без бојкот и во другиот случај со бојкот на референдумот, треба да се прави активна и агресивна политика на објаснување на користа од Договорот за името со Грција и членството  во НАТО и ЕУ,  независно од тоа дали тој ќе биде консултативен или обврзувачки.

На долгорочен план во друга прилика ќе пишувам само до Вас г-дин Заев… Може и за други теми, со референдумот повеќе нема да се занимаваме… Што се  однесува до Мицкоски нема да му пишувам, тој и онака никого не слуша освен Никола Груевски…

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...