Клучна недела за распишување на референдумот

244

Собранието на Република Македонија се очекува утре да има седница за распишување на најавениот есенски референдум за името. Оваа седница засега официјално не е најавена на собраниската веб страница, иако 30 јули се посочуваше како еден од крајните датуми за негово распишување.

Нема официјална информација ниту за тоа дали владејачките партии и опозицијата ги имаат усогласено ставовите околу референдумското прашање за кое имаа најголеми разлики.

Според Законот, референдум на државно ниво распишува Собранието на РМ и тоа по сопствена иницијатива и по предлог на најмалку 150 илјади граѓани. Предлогот за распишување референдум на државно ниво со образложение се поднесува до претседателот на Собранието на РМ , кој е должен во рок од 30 дена од поднесувњето на предлогот да донесе одлука за распишување на референдум. Одлуката потоа се објавува во Службен весник и други средства за јавно инфоемирање. Од денот на објавувањето до одржувањето на референдумот не можат да поминат помалку од 60, ниту повеќе од 90 дена.

Претседателот на Собранието на РМ, Талат Џафери во интервју за МИА минатата недела кажа дека Парламентот нема последен рок за распишување на референдумот, бидејќи се уште нема определно датум за негово одржување.

– Затоа не сме оптеретени стриктно да кажеме 30 јули, 31 јули или 1 август ни е последниот рок. Битно е да се определи рамката во која што се сака да се одржи референдумот и врз база на тоа да се поднесе предлог-одлука до Собранието, рече претседателот на Парламентот додавајќи дека во тој случај би можело да се свика и итна пленарна седница во кој било ден од неделата за да биде донесена одлуката.

Со формирањето на Државната изборна комисија (ДИК) минатата недела, чии членови утре во Собранието ќе дадат свечени изјави, се создадоа и формални услови за организирање на референдумот.

Новиот претседател на ДИК, Оливер Деркоски во изјава за МИА вели дека референдумот за името ќе биде организиран согласно законите и Уставот.

Тој посочува дека согласно Законот за референдум овластениот предлагач, во овој случај Собранието на Република Македонија, треба да ја донесе одлуката за референдум, па потоа оперативно ДИК согласно членот 31 од Законот за референдум да ги преземе своите надлежности околу организација и техничките подготовки на самиот референдум, односно спроведување на одлуката.

Во неколку официјални изјави премиерот Зоран Заев рече дека до 30 јули референдумот треба да биде распишан за тој да се одржи најверојатно на 30 септември.

Референдумот, како што изјави Заев, ќе биде организиран и без опозициската ВМРО-ДПМНЕ во случај со нив да не се постигне договор.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференција во однос на референдумското прашање и карактерот на референдумот посочија дека во моментот нема никакво поместување и оти ставот на партијата веќе неколку пати го соопштиле.

– Нашиот став во однос на прашањето веќе неколку пати го кажавме. Тој е јасен и според законските норми и европските начела во моментов како што знаете од таму каде што застана на лидерската средба нема никакво помрднување, рече Арсовски одговарајќи на новинарско прашање за тоа дали постојат консултации помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и власта околу референдумското прашање и за карактерот на референдумот.

Немаше одговор ниту дали пратениците на опозициската партија ќе учествуваат на седницата за распишување на референдумот најавена за понеделник, ниту пак која ќе биде улогата на ВМРО-ДПМНЕ на референдумот.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...