Истиот ден кога СДСМ ги откри тринаесетте црни сценарија во кои Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ сакаат да ја турнат Македонија, Собранието со акламација го усвои Законот за финансирање на политичките партии. Добро, не баш со акламација, ама со мнозинство какво што не паметам дека било постигнато по кој било друг законски проект. Државата, конечно, успеа да обезбеди финансиски услови за спроведување на сценаријата против себе. Нема никакви пречки да не се повтори крвавиот напад врз законодавниот дом, „спонтано“ да се соберат пет-шест илјади уставобранители и да тргнат со трактори, качулки, шипки и други прирачни средства, да ја бранат Македонија од некоја платформа. Која платформа!? Секоја платформа е добра за напад врз нормалноста.
Обезбедени се пари и за антиреферендумската кампања. Македонија ќе може многу комотно да му покаже на светот зошто последна се одржавотворила и дека тоа не е случаен успех, дека тоа е сума сумарум на сите забавени во развојот луѓе во оваа прекрасна земјичка. Последната одржавотворена нација сега има шанси прва да се раздржавотвори.
Партиски ливади и пасишта
Бидејќи сите партии, вклучително и антимакедонските партии на политичките и моралните ретарди, ќе добиваат пари директно од буџетот, тоа значи дека граѓаните ќе ја финансираат својата ликвидација во овој државен, национален, културен и социјален формат. Бачев ќе може да си купи хермелин. Ѕинго да си се откупи самиот себе. Лилето да се насади, некаде во плодната македонска земја. Солзана да си купи гајба! Конечно!
Сите пари од сите светски фондови за иновации треба да ги собере Македонија само врз основа на оваа самоубиствена измислица: патниците на бродот кој плови на отворено море тука не добиваат појаси за спасување, туку ножеви со кои ќе го бушат гумењакот. Најмногу ми се допаѓа што е озаконето поседувањето ливади и пасишта. Така што партиите ќе можат да ги пасат овците на свои терени. На Мевосекот што ја опљачка, силуваше и уби проститутката по име Македонија, инспекторите на Скотланд јард му ја принесуваат жртвата на уште едно изживување.
Како се можни вакви свињарии?
Па, можни се затоа што имаме политичка конфигурација во која ни се имаат упикано смртоносни митологеми, разорни структури што одбиваме да ги препознаеме и да ги елиминираме, да не би да се караме со историјата и со сопствената лажна самопретстава, а потоа на таква конфигурација применуваме модел на финансирање кој во принцип не би бил спорен. Тоа е приказната за ВМРО и за ВМРО-ДПМНЕ.
Со други зборови, државата реши да ја исфинансира сопствената смрт.
Дури и кај оние, кај кои е јасна свеста за оваа перверзија, нема адекватна реакција. Не ни може да има. Смртта на Македонија не е работа на некој атентатор, на несреќа или на друг единечен фактор, туку на внатрешната логика на самата конституција, специјално на нејзините историски и културни аспекти.
На искушенијата на починувањето никогаш не биле имуни и другите политички актери. Но, ова што деновиве го прави власта, посебно СДСМ, со грантовите за иновации, е волшебно остварување. Треба да и се честита на новата фирма која успеала од државата да лапне, не знам колку евра, за да купи нова „Тесла“ со која планира да разнесува ќебапчиња. Зборев со Илон Маск, човекот ми рече дека, веројатно, станува збор за моделот со филтери кои ги впиваат смрдеите на луковите и кромидите, така што луѓето што ја имаат ова кола можат веднаш откако доставиле некоја тура ќебапи, на враќање да ја соберат Бјонсе Ноулс на кафе во кафето „Корзо“.
Да дојде некој да ја нападне Македонија од надвор, јас би отишол со него, но против внатрешниот непријател, немам никакви шанси. Но, гледајте, како врв на апсурдот, доаѓа надежта. Некоја далечна, не свест, туку претчувствителност, која на политичките црви им сугерира дека ќе мора да се збогуваат со животот штом ќе ја изедат Македонија, вели дека смртта ќе ја држи жива Македонија. Дури, ќе се осмелам да кажам, Македонија ми се гледа неуништлива. Надворешни непријатели нема, а внатрешните се куротресини кои немаат потенција да ја оплодат смртта. Мртви или пијани сперматозоиди, христијани и други вери.
Распад на системот
Понекогаш ми се чини дека и Цакерберг го измислил Фејсбук како плот на кој Македонците и Македонките ќе висат и ќе олајуваат. Овој пролив од критики не ја дестабилизира власта туку го дестабилизира општеството. Критиката која е така дифузна и повторувачка како оваа што ние ја емитираме преку социјалните мрежи, се претвора во баналност во однос на власта и во овердозираност во однос на општеството.
Луѓето што мислат да гласаат против договорот со Грција, во принцип, а посебно затоа што не им се допаѓаат или се разочарани од политиките на Заев, прво не мислат, а второ, ми личат на мажи кои кога ја фатиле сопругата во секс со комшијата, решиле да ги убијат децата и да ја запалат куќата. Пак ќе повторам, тие работи се различни работи.
Референдумот ќе ја избистри свеста дека тука ние не се изјаснуваме за апстрактни работи, за некаква Македонија и за некаков НАТО, туку се соочуваме со многу извесен распад на вкупниот систем на организираниот живот на овие простори, на пензискиот фонд и на платните фондови, на здравството, на јавниот превоз, на хигиената и храната, не се заебавам, немој утре да сте ми кажале дека не ви било кажано!? Се сеќавам, по овие поводи, на некои текстови во белградски „НИН“ кои пред триесет години им објаснуваа на Србите што сè ќе се случи ако го остават Слобо да ги води во светлата иднина и можам да кажам дека драмата низ која поминаа следбениците на Милошевиќ ќе биде пичкин дим во однос на драмата низ која ќе поминат Македонците ако ја следат антиреферендумската кампања.
(Објавено во „Слободен печат“)