Сите 25 деца од Домот „25 Мај“ згрижени во мали групни домови

338

Сите 25 деца од јавната установа за згрижување деца со воспитно-социјални проблеми „25 Мај“ од денеска ќе живеат во мали групни домови, во рамки на процесот на деинституционализација на Министерството за труд и социјална политика.

– Подготвена е нова програма за работа со овие деца, постоечкиот кадар помина низ практична обука, а се обезбедија и нови 18 вработувања. Целосно ги прилагодуваме условите согласно потребите на оние за кои треба да се грижиме, наместо да ги прилагодуваме луѓето на системот. Посветено работиме за обезбедување еднакви можности, хумани и достоинствени услови за раст и развој за децата сместени во институциите – рече министерката за труд и социјална политика Мила Царовска на денешното отворање на еден од домовите.

Деинституционализацијата е трајно решение за децата, а ќе се спроведе и за возрасни.

– За жал, секогаш ќе има ситуации кога не е можно, не е безбедно, или не е во најдобар интерес на детето да живее со своeто биолошко семејство. Грижата во згрижувачко семејство е најдобрата алтернатива на големата институција, но семејното опкружување, исто така, може да се добие во мал групeн дом каде децата го добиваат чувството на припадност, стабилност и поддршка, што им е потребно. Да не заборавиме и на возрасните во институциите – тие исто така заслужуваат живот во заедницата. Сите агенции на Обедините нации во земјава се посветени на поддршка на деинституционализацијата за сите деца и возрасни кои живеат во институции да можат да го уживаат своето право на достоинствен живот – рече Бенџамин Перкс, претставник на УНИЦЕФ.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...