ЈСП воведе промени во возниот ред на автобуската линија 25 што оди од Транспортен центар кон Водно, а направена е и дислокација на една постојка.
– Терминот за поаѓање на автобусот број 25 предвиден во 8 часот, се менува, односно поаѓањето ќе се реализира во 7.30 часот. Промената во возниот ред ќе важи за време на викендите и државните празници. Измената во поаѓањето е по барање на планинарите и поради високите температури во летниот период. Таа ќе започне да се применува од претстојниов викенд. Останатите поаѓања се реализираат според важечкиот утврден возен ред – велат од ЈСП.
Оттаму потсетуваат и дека во викендите и за време на државните празници, возењето со автобусот на линијата 25 е бесплатно за сите граѓани, а истото важи и за сродните лини 25А и 25Б, кои сообраќаат до Средно Водно, а тргнуваат од Стара железничка станица, односно од Дом на печат.
Истото се однесува и за линијата 28 која вози од Транспортен центар до Нерези (Македонско село).
Покрај оваа новост, надлежните информираат дека од денеска автобуската постојка кај џамијата Јаја-паша кон Бутел е поместена за стотина метри после пешачкиот надвозник, односно стојалиштето сега е пред ОУ „Лирија“.
Поместувањето на постојката е поради безбедносни причини. На претходната локација, поради голема фрекфенција на луѓе и возила, често се случуваа незгоди.