Читам, Влатко Ѓорчев се заканува ако се чепнело во скапо платените восочни фигури на Хитлер, Мусолини, Ванчо Михајлов. Па каква врска имаат тие со македонската борба за државност и самостојност, освен како непријатели во таа борба? Ако толку милувате восочни фигури од Хитлер, Мусолини и нацистичкиот слуга Ванчо Михајлов, зошто не си ги направивте дома со ваши пари?, напиша на неговиот фејсубук профил Жарко Трајаноски, кој е дел од групата за подготвока на извештај за оправданоста од постоењето на Музејот на ВМРО.
Неговата реакција следува откако вчера пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Влатко Ѓорчев од собраниска говорница го предупреди министерот за култура и работната група да не го чепкаат Музејот зошто е света работа, а во спротивно во иднина може да се најдат како дел од поставките во него.
„Сите што биле вклучени во криминални активности во изградбата на партискиот музеј треба да си одговараат согласно законот. Сите што му го правеле ќефот на Груевски да си гради „историски музеј” со прескапи восочни фигури, платна, хорор музика и сценографија треба да си одговараат за злоупотреба на службена положба. Оти, сегашниот „Музеј на ВМРО” е се друго освен историски музеј на македонската борба за државност и самостојност“, пишува Трајаноски.