Хан: Уверен сум дека преговорите со ЕУ ќе почнат следната година

Францускиот претседател, Емануел Макрон, смета дека не може ЕУ да се проширува пред самата реформски да се продлабочи, аргумент на кој Хан одговара дека процесите можат да одат паралелно.

348

Во разговор за европскиот весник „Политико Европа“, еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан, вели дека е „уверен“ дека преговорите со Македонија и Албанија ќе почнат следната година.

Во интервјуто Хан објаснува и дека со двете земји е почната подготвителната работа, што претходи на отворањето на преговорите со ЕУ.

– Ова е многу комплетна работа и се надевам дека ќе можеме да ја завршиме за една година до 14 месеци. Целта е да се добие зелено светло од сите земји членки во средината на следната година – вели Хан потсетувајќи на агендата на Советот на ЕУ во јуни 2019 година да се наврати на почетокот на преговори со Македонија и Албанија, кога земјите членки треба да дадат зелено светло доколку поставените услови се исполнети.

За Македонија тие услови се однесуваат на реформата на безбедносните служби, јавната администрација и борбата против корупцијата, вклучително и високиот криминал.

Еврокомесарот се наврати и на француската блокада на проширувањето, која ги иритираше повеќето земји членки и Европската Комисија.

Францускиот претседател, Емануел Макрон, смета дека не може ЕУ да се проширува пред самата реформски да се продлабочи, аргумент на кој Хан одговара дека процесите можат да одат паралелно.

Еврокомесарот потсетува дека граѓаните на Западниот Балкан „имаат право да станат ЕУ граѓани“ и дека ЕУ се „соочува со избор дали ќе извезува стабилност во регионот или ќе увезува нестабилност во ЕУ“.

-Мојата поента е можеби малку поразлична од претседателот Макрон, можеби можеме да го убедиме дека двете работи мора да се прават паралелно – вели Хан за „Политико Европа“.

Едно од предупредувањата на Хан зошто ЕУ треба да се рефокусира на Балканот е што другите големи сили сѐ повеќе се вртат кон Балканот. Иако најчесто во тој контекст се споменува Русија, еврокомесарот потсетува и дека кинеските инвестиции се сѐ поголеми.

Хан алармира дека земјите во регионот би можеле да станат “тројански коњи“ на Пекинг, што еден ден ќе станат членки на ЕУ. Еден од примерите кои ги наведува Хан е изградбата на автопат во Црна Гора, финансиран од Кина.

– Мислам дека треба да бидеме внимателни на стратегискиот концепт на Кина и да реагираме на соодветен начин, мислам дека ова ќе биде еден од големите предизвици на Европа, вели Хан.

Хан се осврнува и на проблемите во Босна и Херцеговина и Косово, кои се наоѓаат на крајот на трката кон ЕУ, и се единствени без опипливи европски рокови.

-Сѐ почна во 1989 и падот на „железната завеса“. Големото проширување во 2004 беше првата голема последица и би рекол дека сѐто ова ќе биде завршено само кога шесте земји ќе станат членки на Унијата, порачува Хан.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...